Прифатниот центар за странци ќе се дислоцира од Бардовци 

751

Прифатниот центар за странци ќе се дислоцира од Бардовци. Владата на последната седница ја донесе ваквата одлука и им го прифати барањето на жителите кои  три месеци протестираа на улица, а секоја среда пред Владата.

– Победивме во борбата да се дислоцира Прифатниот центар за странци, кој започна да се гради во нашата населба. Долга беше борбата, направивме бројни средби со клучни политички фигури во нашата држава. Сепак, конечната заложба од македонски политичар, а со тоа подоцна и решението беше постигнато на средбата во саботата, помеѓу Организациониот одбор на граѓаните на Бардовци со министерот за правда Бојан Маричиќ  – информираат граѓаните на Бардовци.

Велат дека овој успех се должи единствено на упорноста на сите жители на Бардовци и заложбата на министерот за правда.

– Притисокот на бардовчани вроди со плод. Се боревме за иднината и сигурноста на нашите деца и успеавме во тоа. Среќа што конечно наидовме на слух од страна на Владата, која ја стопирана изградбата на Прифатниот центар за странци и ќе се бара ново место каде што тој ќе биде изграден – се вели во соопштението до јавноста.

Тие најавија дека утре повторно ќе бидат пред Владата, но овој пат, како што истакнаа, да ја поздрават и да ја овековечат одлуката на Владата за дислокација на Центарот за странци од Бардовци, но и да го поздрават министерот Маричиќ, кој поради својата заложба, нагласуваат, ќе има посебно место помеѓу нив.

– Секако, сакаме да им оддадеме посебно признание и на македонскиот претседател Стево Пендаровски и шефот на Делегацијата на Европската Унија во нашата држава, Дејвид Гир, кои веднаш и безрезервно нè примија и сослушаа – заклучија жителите на Бардовци.