Притисок врз штипското Инфективно одделение – слободни се само уште два кревети

32

Два слободни кревети за ковид пациентите има во штипското Инфективно одделение. Според здравствениот билтен на Клиничка болница-Штип  во последните 24 часа бројот на новопримени е за три пати поголем од бројот на оздравени пациенти.

Во изминатото деноноќие новопримени се девет пациенти, а дома си заминале само тројца. Со ова бројот на хоспитализирани на Инфективното одделение во Штип е 56, од кои 44 се на постојана кислородна поддршка и се приклучени на апарати за дишење, а вакцинирани се 16 пациенти. Нема починати лица во изминатите 24 часа, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Со полнење на капацитетите на Инфективното одделение, се размислува и за  отворање и на модуларната ковид болница во Кочани. Ковид пациентите од Кочани се препраќаат на болничко лекување во Штип, но капацитетите веќа се речиси полни, а кадар за отворање на модуларната болница во Штип нема, бидејќи околу 20 здравствени работници се заразени со коронавирусот и се во изолација.

Во општините од источниот регион активни се 915 ковид случаи, најмногу во Штип 317, во Кочани 210 и во Делчево 151. Во останатите општини од истокот бројката е двоцифрена, највисока е во Берово каде активни се 86 ковид случаи, а во Македонска Каменица 41, а во Пехчево 25 ковид пациенти.