Прирачник за употреба на правни алатки за заштита на животната средина

118

Прирачник за практична употреба на правото за зачувување на животната средина инспириран од повеќегодишната борба за зачувување на Националниот парк „Маврово“ објавија еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ и Еуронатур.

На околу 70 страници прирачникот содржи повеќе студии на случаи и селекција на инспиративни акции и настани, како и помошни алатки за користење на Архус конвенцијата за пристап до информации и учество на јавноста во носење на одлуки поврзани со животната средина, како и Бернската конвенција за заштита на европскиот див свет и нивните живеалишта.

Според Александра Бујароска од Фронт 21/42 и еден од авторите на прирачникот, тој е наменет за сите кои сакаат да научат како да ги користат законските права за да влијаат врз одлуките кои ја афектираат природата и животната средина.

– Прирачникот дава објаснување на правните алатки и механизми кои ги користевме во нашата речиси 10-годишна борба за зачувување на Националниот парк „Маврово“ и појаснување како да ги употребите истите во процесите на донесување на одлуки во врска со хидроенергетските проекти во заштитени подрачја, вели Бујароска, во соопштението од Фронт 21/42 .

Прирачникот „Користете ги правните алатки и механизми за заштита на животната средина – Инспирирајте се од приказната за националниот парк Маврово и зачувајте ги последните диви и слободни реки во Европа“ е достапен на македонски и англиски јазик.