Приоритет вработување на младите и борбата против сивата економија

За Тевдовски вмрежување на фирмите и работни места за младите се економски приоритети на патот кон ЕУ, а за гувернерката Ангеловска-Бежоска поттик се позитивни оцени од ЕК за монетарната политика, заради што се продолжува со јакнење на финансиската стабилност

143

Намалување на невработеноста кај младите, интегрирање на домашните компании на меѓународните пазари и борба против сивата економија се трите клучни предизвици кои ќе се опфатат во Програмата за економски реформи 2020-2022. Според министерот за финансии Драган Тевдовски треба да се поддржи вмрежувањето на домашните компании на меѓународните пазари.
Тој посочи дека преку Рамката за соработка со Светска банка ќе се обезбеди поддршка за привлекување странски директни инвестиции од високо продуктивни и извозноориентирани сектори, вмрежување на домашните микро, мали и средни компании на меѓународните пазари и инвестирање во проекти за технолошка модернизација.
– Ќе се настојува да се поврзат странските директни инвестиции со домашните, особено малите и средни компании, што ќе овозможи креирање на нови работни места и вон технолошко-индустриските зони, рече Тевдовски на Економскиот и финансиски дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција, кој се одржува во Брисел.
Според него, еден од приоритетите на Владата е намалување на невработеноста кај младите, а младинската гаранција е дел од проектите насочени кон тоа.
Тевдовски нагласи и дека ќе се продолжи имплементацијата на Акцискиот план за намалување на сивата економија. Целта е да се поттикне креацијата на формални работни места, како и поголемото учество на жените на пазарот на труд.
Оценките на Европската комисија за реализацијата на проектите и мерките од Програмата за економски развој од минатата година покажуваат дека Албанија и Македонија во регионот имаат највисока реализација.
ЕК даде позитивни оцени за монетарната политика. Според гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска Народната банка во изминатиот период презеде активности за да обезбеди уште поголема стабилност и отпорност на банкарскиот систем на земјава. Таа, меѓу другото, посочи на воведувањето на капиталните барања во согласност со Директивата на ЕУ и со капиталната спогодба Базел ИИИ. Во своето излагање, гувернерката се осврна и на промените во регулативата спроведени од Народната банка, со цел натамошно јакнење на корпоративното управување на деловните банки, како и на бројните мерки за подобрување на квалитетот на средствата на банкарскиот систем и за намалување на евроизацијата.
– Најдобриот придонес што ние како централната банка можеме да го дадеме за зголемување на нивото на странски директни инвестиции во нашата земја е остварувањето на нашите клучни цели: одржување на ценовната стабилност и одржување и зајакнување на стабилноста на финансискиот систем. Успешно ги остваруваме овие наши цели. Макроекономската и финансиската стабилност е основа на инвестициската клима – таа ја намалува премијата на ризик на економијата и привлекува странски инвеститори, а придонесува и за зголемување на домашните заштеди – нагласи Ангеловска-Бежоска.
Според неа се работи и на зголемување на стабилноста на банкарскиот систем, како клучен столб на финансискиот систем.
– На тој начин ќе придонесеме за посилна, но одржлива финансиска поддршка на реалниот сектор. Ќе продолжиме со зајакнување на надзорот на систематски значајните банки, со зајакнување на макропрудентниот капацитет и ќе придонесеме за натамошен развој на алтернативните финансиски инструменти, иновативното финансирање, продлабочување на финансиските пазари и поттикнување на финтек услугите кај нас – порача Ангеловска-Бежоска во Брисел.