Спомени се тоа, драги спомени, од она време кога јас живеев и работев во Париз. Принцезата и холивудска дива Грејс Кели беше таа која мене ме одбра да го претставувам нејзиното Кнежество Монако на Изборот за “Песна на Евровизија“ во Луксембург. Бев навистина трогната, почестена и од силна возбуда скоро се расплакав на сцената во Монте Карло. За жал, мојата Грејс пред некоја година физички ја изгубив, таа загина во страшната сообраќајна несреќа. Инаку, во Македонија секогаш радосно доаѓам и едвај чекам да помине коронавирусот да направам исклучителен солистички концерт, бидејќи поодамна не сум пеела во омиленото Скопје. Уште ги памтам преполните концерти во “Универзална сала“, настапот на “Скопскиот фестивал“ со “Охрид и јас“ од Александар Џамбазов, а особено ми е драг успешниот проект со музичката фамилија Тавитијан со кои ја снимив македонската народна песна “Ајде слушај, слушај калеш бре, Анѓо“, вели расположената Тереза Кесовија за весникот “ВЕЧЕР“/vecer.press

Ни на сон не се надеваше дека тоа ќе ѝ се случи во нејзината пребогата музичка кариера, но легендарната пејачка дива Тереза Кесовија и тоа го доживеа. Со својата врвно професионална екипа во својот најнов спот, Тереза ги оживеа спомените, сеќавањата на некогашната холивудска филмска дива и принцеза од Монако, славната Грејс Кели.

Овој спот легендарната пејачка од Дубровник, ова лето го снимаше на полуостровот Истра (северниот дел од Јадранско Море), а станува збор за спот со кој во вид на минифилм од некои 4 минути е претставена најновата нејзина песна насловена како “Имам те… (у јесени, у откинутом листу храста, у мирису ораха у облацима даха…)“ вистинска музичка балада како создадена за ова есенско време.
Сепак, целата приказна на некој начин се врти, а со оглед на имиџот на Тереза во самиот спот, околу Грејс Кели, некогашната принцеза од Монако (беше во брак со принцот Рение), со која пејачката на времето била и пријателка.

-Еххх….спомени се тоа, драги спомени, од она време кога јас живеев и работев во Париз. Грејс Кели беше таа која мене ме одбра да го преставувам нејзиното Кнежество Монако на Изборот за “Песна на Евровизија“ во Луксембург со песната “Многу посилна“. Бев навистина трогната, почестена и од силна возбуда скоро се расплакав на сцената. Кога јас во она време дојдов таму сред тој гламур, тоа богатство, од една комунистичка Југославија, јас која бев тогаш доста млада, сè уште неснаодлива, но ете принцезата во мене виде големо пејачко име, вели дивата Тереза за весникот “ВЕЧЕР“.

Сега, кога во спотот во сцените во кои возам луксузен кабриолет со оние исти црни очила и со големиот бел шал врзан преку косата кога на некој начин ја оживеавме принцезата која тогаш после Евровизискиот избор ми кажа дека во неа од тој ден имам искрена пријателка, сега моите емоции ми се уште посилни, а очите пак наполнети со солзи.
Сето тоа беше замисла на сјајната Катја Рестовиќ, режисерката на овој исклучителен спот кој не беше ни најмалку лесно да се сработи со оглед на тоа дека го работевме сред лето по оние страшни горештини. Јас сум среќна што спотот на сите им се допаѓа и што, ете, и покрај пандемијата успеавме да направиме и официјална промоција со присуство на моите пријатели, колеги, новинари, роднини, мојот син, мојата снаа, мојата мила внука Мила која на истиот ден на промоцијата на спотот го славеше својот роденден, па имав двојна причина за голема радост, радосно раскажа Тереза за весникот “ВЕЧЕР“.

Долга црна коса, медитеранска харизма, совршен глас и јужњачка интерпретација – се само некои работи со кои Тереза ја освои принцезата Грејс Кели за да настапи на “Песна на Евровизија“ како претставничката на Монако

Таа воедно вети дека штом ќе се нормализира ситуацијата околу коронавирусот ќе направи голем славенички концерт во Македонија, државата која ја сака од многу причини и во која има многу свои обожаватели и пријатели. Како што вели Тереза, во Македонија секогаш радосно се враќа, особено затоа што уште ги памти преполните концерти во “Универзална сала“, настапот на “Скопскиот фестивал“ со “Охрид и јас“ од композиторот Александар Џамбазов, а особено ѝ е драг успешниот проект со музичката фамилија Тавитијан со кои ја сними македонската народна песна “Ајде слушај, слушај калеш бре, Анѓо“, промовирајќи ја пред неколку години како поп-балада, на стадионот “Филип Втори“ на Денот на македонската независност.

Дуле МИЌИЌ

фото:Инстаграм-ФБ-YT