Прилеп: Се подготвува театарски спектакл, копродукција на хрватски и македонски актери

276

Прилепскиот театар во копродукција со „Евроказ” од Загреб, в понеделник, на 7 октомври, премиерно ќе ја одигра претставата „Глембаеви – уште една легенда”. Ова е втора премиера за десетина дена на текстот на Мирослав Крлежа.

На 28 септември беше премиерата на „Глембаеви” во режија на Бранко Брезовец во изведба на прилепскиот ансамбл, а сега втората премиера на овој текст е во копродукција на македонските и на хрватските актери, за прв пат на овие простори.

Според режисерот Брезовац ова е театарски спектакл кој ќе ги спои крлежините драми: најпознатото дел „Господа Глембаеви” и драмите-легенди од раниот период на творештвото на авторот. Сега претставата ќе има фантазмагорични елементи. Во претставата се пет хрватски и осум македонски актери и речиси сите ликови имаат „двојници”.

– Оваа премиера „Глембаеви- уште една легенда” со премиерата од пред една недела „Глембаеви” евидентно е дека има заедничка основа, но мора да се третираат како посебни претстави. Оваа претстава има некои поинакви намери, друга естетика и друга енергија. И двете актерски екипи, хрватската и македонската, имаат своја засебна претстава, прилепската пред една недела, хрватската во јуни, а сега за кратко време правиме заеднички, копродукциски проект. Ова е нешто што одамна сакав да го постигнам. Актерите веќе го знаат текстот, потребен е спојот. Во основа е познатата Крлежина драма „Глембаеви” со примеси на раните седум драми-легенди. Во суштина мртвите, кои ги толкуваат хрватските актери, живеат заедно со живите ликови што ги толкува прилепскиот ансамбл. Овде би рекле дека актерските енергии се двојни и мислам дека ќе направиме голема претстава, вели Брезовац.

Хрватскиот актер Домагој Јанковиќ го толкува ликот на бароницата Кастели, исто како што во прилепската претстава ликот го толкува Даниела Иваноска.

Бароницата Кастели е интересна улога. Јас немам проблем што играм како маж. Проектот за мене е фантастичен и досега не сум слушнал дека имало вакви обиди. Зад себе, ние хрватските актери и прилепските колеги имаме по една, своја претстава за Глембаеви, малку слични, а сепак различни и оваа заедничка претстава е нешто возбудливо што досега не сум доживеал. Фантастично соработуваме и се разбираме, рече Јанковиќ.

Даниела Иваноска ја толкува улогата на бароницата Кастели во прилепската претстава и смета дека е возбудливо и поучно искуство.

– Ваквото спојување на две екипи е фантастично. Особена е возбудата од непознатото, одлично се надополнуваме на сцената. Големо искуство и се надевам дека е почеток на практика на соработка и на театарско експериментирање, рече Иваноска.

Хрватскиот актер Златко Буриќ вели дека е возбудлива средбата со непознатото.

– Ја прифатив улогата на стариот Глембај во заедничкиот проект зашто ја најдов својата причина, својот предизвик, вели Буриќ.

Смета дека и двете екипи имаат силна енергија и сега чека како сето тоа ќе се вообличи.

Зоран Иваноски кој го толкува ликот на Леоне Глембај, единствениот лик кој нема двојник, вели дека замислувал да се разменува енергијата меѓу колегите од различна школа и од различен театар.

Оваа размена на енергија меѓу колегите и театарските школи ја замислував уште откако дипломирав. Оваа соработка е уникатна и непроценлива и очекувам да наиде прием кај публиката, рече Иваноски.

По премиерата на 7 октомври, оваа копродукциска претстава „Глембаеви-уште една легенда” ќе се игра пред прилепската и пред загрепската публика наизменично.
Во претствата играат: Андон Јованоски, Златко Буриќ, Даниела Иваноска, Домагој Јанковиќ, Зоран Иваноски, Ангела Наумоска, Сузана Брезовец, Димитар Црцороски, Роберт Шпаниќ, Исидор Јованоски, Павле Вркљан, Трајче Иваноски, Игор Трпчески и Ана Митоска Стојаноска. Композитор на музиката е Никола Мицевски, сценограф Ивана Кнез, а за костимите се погрижи Сузана Брезовец.