Прилеп подготвен за карневалот „Прочка“

80

Прилеп е подготвен за тридневниот Меѓународен карневал „Прочка 2020“ кој од 28 февруари до 1 март ќе се одржува по 19-ти пат. Се очекуваат околу илјада  учесници од Прилеп, од повеќе градови од земјава и од странство.

Карневалската програма ја соопшти прилепскиот градоначалник Илија Јованоски. Таа ќе почне в петок напладне во Центарот за култура „Марко Цепенков“ со традиционална изложба на маски, уникатните креации на учениците од прилепските училишта. В сабота напладне на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ е детскиот карневал со маски од учесници од основните училишта и од градинките во Прилеп и од крушевското училиште „Никола Карев“. Ќе дефилираат маски на  вкупно 565 учесници.

Главниот карневалски ден е в недела од 13 часот кога на плоштадот ќе дефилираат маските од земјава и од странство. Во карневалските денови во градот ќе има бројни забавувачи за публиката.

Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“ вели дека се очекуваат подобри и пооригинални маски.

-Годинава првпат ќе имаме делегации од Германија, Украина, Холандија, а групи-учесници имаме од речиси сите балкански земји. Најавени се голем број претставници кои доаѓаат од членките на Федерацијата на европски карневласки градови на кои им возвраќаме учество на нивните карневали. Очекуваме подобри маски од досега и голем број посетители. Досега веќе имаме најавено гости од Грција и Бугарија, рече Георгиев.

Здружението „Приелпски мечкари“ ќе ја доопреми оригиналната прилепска маска која претендира да биде заштитена од УНЕСКО. -Прилепската препознатлива маска е културно наследство на Македонија и заштитена е како бренд. Со локалната самоуправа ќе работиме преку УНЕСКО да ја заштитиме, изјави Георгиев.

Приелпските здруженија подготвуваат оригинални маски за кои не сакаат да говорат зашто ќе ги претстават како изненадување. На карневалот стручно жири ќе ги прогласи најдобрите традиционални и современи маски. В недела вечер е големиот заеднички маскенбал, а в понеделник, според традицијата на прилепските мечкари, со посен манастирски грав за учесниците и гостите ќе се означи почетокот на велигденските пости.