Прилепскиот музеј нуди раритетна етнолошката поставка

124

По повеќегодишна работа, прилепскиот Завод и музеј и официјално ја отвори богатата и уникатна етнолошка поставка. Изложени се околу 300 предмети кои ја раскажуваат приказната за животот, работата и за секојдневието на прилепчани во периодот од 18, 19 и 20 век.

Според етнологот Горан Цветкоски, отворањето на етнолошката поставка со раритетните предмети и фотографии, кои го отсликуваат животот на нашите предци, дедовци и татковци и оставиле белег на денешното живеење е од огромно значење.

– Предметите со години се макотрпно прибирани. Некои се пронајдени, некои подарени од фамилии, трети се купени од музејот. Се потрудивме да ги изнесеме сите најзначајни предмети што го обележуваат нашето минато и, буквално, секој предмет зборува за себе – објаснува етнологот Цветкоски.

Поставката е поделена на три сегменти.

Еден од сегментите е занаетчиството, кое е многу значајно за Прилеп затоа што ја претставувало најголемата и најразвиената стопанска гранка во надалеку познатата прилепска чаршија.

– Постоел и панаѓурот, познат надалеку. Апострофирани се најголемите и најзначајните занаети: казанџиски, кантарџиски, ковачки. Прилепските кантари многу биле познати, занаетчиите ги носеле до Истанбул, оти биле најквалитетни и најдобро изработени. И секој мајстор го обележувал својот кантар. Имаме и алати за нивното производство – објаснува Цветкоски.

Втор сегмент е кувенџискиот занает со кувенџиските украсни предмети, кои ги одредувале сталежот и имотната состојба на населението. Од овој сегмент има многу предмети, но се изложени само позначајните.

– Третиот сегмент е традиционалниот начин на живеење, преку орудијата за обработката на земјиштето, предмети за организирање на домаќинството. Имаме орудија за стрижење, обележување на овците, за жнеење. Целата поставка има огромно значење за нашиов регион, зашто ги опфаќа сите сегменти во кои семејството егзистирало – нагласува етнологот Цветкоски.

Според директорот на „Завод и музеј – Прилеп“, Благоја Атанасоски, три години се работело на обликувањето на поставката.

– Пред две години добивме средства од Министерството за култура, а другото е набавено од средствата на Музејот. Задоволство ни е што може да го презентираме ова културно богатство, посебно дека по 65 години од Музејот, ние отвораме една богата етнолошка поставка – заклучи Атанасоски.

Прилепскиот музеј со отворањето на оваа раритетна етнолошка поставка го збогати изложбениот простор за претставувањето на културното богатство од регионот. Ги има археолошката музејска поставка, лапидариумот со мермерни скулптури и пронајдоци од ископувањата, а како раритетни се и Музејот за тутун, спомен куќата на Кузман Јосифоски – Питу и меморијалниот музеј „11 Октомври“.