Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања утре треба да одржи онлајн подготвителна седница во скратен состав, на која ќе го тампонира патот до седницата која според најавите треба да се одржи идниот месец. Неофицијално, на утрешната видеоконференција ќе учествуваат претседателите на македонската и бугарската комисија, Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров, заедно со уште по двајца членови од двете страни. На овој работен состанок, членовите на Мешовитата комисија ќе дискутираат за трите записници од претходните состаноци на Комисијата кои што сѐ уште не се потпишани, поради несогласувањата на историчарите околу употребата на придавката „македонски”. Премиерот Зоран Заев изрази очекување дека дури и од таа подготвителна седница, која се подготвува заеднички од македонска и од бугарската страна ќе има некој исчекор.

Во пресрет на средбата, изминатиот период во јавноста крена прашина смената на еден член од македонскиот состав на Комисијата. На историчарот Александар Литовски не му е продолжен договорот кој истекол на 31 декември минатата година. На сите други членови им се продолжени договорите, а на местото на Литовски доаѓа Исамедин Азизи од Институт за духовно културно наследство на Албанците.

-На Александар Литовски му истече договорот на 31.12.2020 и на негово место, на предлог на МНР е предложен и именуван Исамедин Азизи од Институт за духовно културно наследство на Албанците. Владата на Република Северна Македонија е на став дека историските прашања треба да се остават на експертите и без какви било политички влијанија, соопштија од Владата.

Назначувањето на Азизи следува неколку месеци откако Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека работи на тоа во комисијата да има и Албанец. Османи тогаш рече дека „тоа е можност да се создаде блискост, но и да се остави наследство дека Албанците биле важен чинител кога се решавале некои важни прашања“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека зад смената на член во комисијата се крие политички притисок.

-Заев наместо врз Бугарија прави притисок врз историската комисија, смена на членовите е со намена на притисок за прифаќање на ново предавство. Нетранспарентното менување на членот на историската комисијата со Бугарија од страна на Заев е обид за замолкнување на вистината Заев го замолкнува секој обид за спротивставување кон неговите политики и го деградира сечие мислење и критика насочено кон обелоденување на историските факти. Со отстранување на членот на комисијата, Заев сака да ја претвори оваа историска комисија како и секоја друга институција во државата каде што има свои послушници. Наместо да се штити професионализмот и националните интереси, премиерот предавник на својот народ и држава сега повторно ќе ја менува историската стварност во полза на Бугарија, за да си ги задоволи своите сметки и бизниси, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Последниот состанок на Мешовитата комисија се одржа онлајн на 4 декември лани, и според тогашните изјави на копретседателите Димитров и Ѓоргиев, не беше постигнат никаков напредок.

Во меѓувреме, македонските власти велат дека продолжуваат разговорите со Бугарија околу конкретни проекти, но Владата е со јасен став дека за Македонците, македонскиот јазик и идентитет нема простор за разговор. Во фокусот следните месеци е Акцискиот план кој е на меѓусекторска основа. Од Владата очекуваат тој да биде усвоен на првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и Бугарија за да биде адаптиран, прифатен и веднаш да се влезе во негово спроведување. Премиерот Заев истакна дека политичкиот дел е нешто за кое што треба да се разговара по изборите во Бугарија.

Официјална Софија, пак, повторно предупреди дека за Бугарија да даде зелено светло за преговарачката рамка за Македонија со ЕУ, постојат само две опции со кои треба да се вметнат бугарските барања за почитување на Договорот за добрососедство. Како што изјави потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, за Бугарската национална телевизија, или ќе инсистираат во преговарачката рамка за Македонија да има последно поглавје и за време на процесот на преговори да следат дали се почитува Договорот за добрососедство или во неа да се вметнат барањата на Бугарија за почитување на Договорот. (В.С.Н.)