Привршува проектот за асфалтирање на петнаесетина улици

103

Општина Виница ја привршува есенската градежна офанзива за пробивање и асфалтирање петнаесетина улици во градот и во седум селски населби во општината, за што од сопствениот буџет инвестираше околу 13 милиони денари.

Веќе се завршени градежните работи на улици во селата Пеклани, Истибања, Лески, Блатец, Драгобраште, Градец и Јакимово со вкупна должина од над 1,5 километар, а во градот се комплетираат шест улици со приближна должина.

– Најруинираните улици „Наум Наумовски Борче“ и „Љупчо Сантов“, по неколку децении конечно се реконструирани и покриени со нов асфалтен слој, во тек е комплетирањето на улицата „Иво Лола Рибар“, најдолга и една од најпроблематичните улици во Ромското маало. Лошата урбанизација на овој дел од градот го отежнуваше движењето и на пешаците и на возилата, а со нејзиното асфалтирање конечно ќе се надмине и проблемот со свлечувањето на земјиштето врз покривите на куќите или во дворовите на овдешните жители- истакна Ивица Димитров, градоначалник на Виница.

До средината на овој месец, до кога е планирано да заврши проектот за изградба на сообраќајниците, нов асфалтен слој ќе добијат и улиците „Партизанска“ и „Ила“, каде по донесувањето на Деталниот урбанистички план се планира и целосно осветлување.

Од Општина Виница најавија дека наскоро ќе почне изградбата и асфалтирањето на два километра од локалниот пат меѓу селските населби Балинци и Капетанци, за што се обезбедени близу 20 милиони денари.