Претставници на Полска итно заминале во Хрватска на местото на несреќата

1192
Дванаесет лица загинаа кога автобус со полски регистерски таблички излета од автопатот во Хрватска, соопшти вицепремиерот и министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ.
Тој изјави дека 11 лица загинале на местото на несреќата, а уште едно починало во болница, пренесува порталот Индекс.
Божиновиќ рече дека 32 лица се примени во болниците и дека има многу патници со тешки повреди, од кои некои се борат за живот.
„Има многу повредени луѓе. Во оваа несреќа имаме само оние кои ги загубија животите и оние кои беа повредени. Нема некој да се спаси без повреди“, изјави Божиновиќ.
Тој изјави дека во автобусот имало 43 патници.
„Автобусот се движеше од место во близина на Варшава.
„Според некои информации, станува збор за група која планирала да оди на аџилак во Меѓугорје“, изјави Божиновиќ.
Несреќата се случила околу 5 часот и 40 минути на 62-от километар од автопатот А4 во правец кон Загреб, меѓу Јарек Бишашки и Подворец.
Божиновиќ рече дека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ разговарал со полскиот премиер Матеуш Моравјецки и му изразил сочувство.
Вечерњи лист наведува дека во Хрватска итно доаѓаат полскиот министер за здравство, заменик-министерот за надворешни работи и лекари и психолози од екипите за итна помош.
Претставници на полската амбасада во Загреб заминуваат на местото на тешката несреќа, соопшти полското Министерство за надворешни работи.