Претставници на Националното здружение за МС одржаа состанок со министерот Филипче

97

Претставници на Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза денеска одржаа состанок со министерот за здравство Венко Филипче на кој разговараа за актуелните потреби и грижата за пациентите со мултипла склероза (МС) кај нас, информираат од Здружението.

Националното здружение му се заблагодари на министерот и неговиот тим за континуираната грижа за пациентите со мултипла склероза, како и унапредувањето на квалитетот на живот, и му врачи благодарница, пред сè поради зголемување на достапноста на лекови за мултипла склероза.

Како што соопшти Здружението, според податоците од ЈЗУ Универзитетската клиника за неврологија, Скопје во октомври 2017 година имало 362 пациенти на терапија, додека денес се вкупно 516 пациенти, а тоа е раст на бројот на пациенти на третман за 42 отсто.

Од Здружението го информирале министерот за идните активности, „Национални денови за МС”, и го поканиле да земе активно учество.

Министерот, наведуваат од Здружението, изразил подготвеност да им помогне во унапредување на квалитетот на живот на пациентите со МС и нивните семејства.

– Ова го сметаме како позитивен сигнал дека пациентите се секогаш во фокусот на заложбите на Министерството и дека во иднина ќе се решат дел од нашите проблеми и потреби, се наведува во соопштението.