Претстава за дисфункционалноста на семејството: „Август во округот Осејџ“ – премиерно во Битолски театар

244

„Станува збор за еден од најпоставуваните текстови во театрите во регионот и во светот, добитник на Пулицерова награда. Тоа е црна комедија, која колку што е приземна, саркастична и забавна, толку е и тажна. Во неа станува збор за распадот на едно дисфункционално семејство по смртта на таткото“, изјави за весникот „Вечер“, директорот на Народниот театар – Битола, Иван Јерчиќ

„Август во округот Осејџ“ од американскиот драмски писател и сценарист Трејси Летс, во режија на Драгана Милошевски-Попова е претставата која премиерно ќе се изведе утревечер (30 јули), со почеток од 20 часот, на сцената на Народниот театар – Битола. Улогите во претставата ги толкуваат: Борис Чоревски, Елена Моше, Јулијана Мирчевска, Петар Горко, Ангела Димитровска, Викторија Степановаска – Јанкуловска, Катерина Аневска- Дранговска, Валентина Грамосли, Петар Мирчевски, Марјан Ѓорѓиевски, Марија Стефановска, Николче Пројчевски и Васко Мавровски.

„Станува збор за еден од најпоставуваните текстови во театрите во регионот и во светот, добитник на Пулицерова награда. Тоа е црна комедија, која колку што е приземна, саркастична и забавна, толку е и тажна. Во неа станува збор за распадот на едно дисфункционално семејство по смртта на таткото“, изјави за весникот „Вечер“, директорот на Народниот театар – Битола, Иван Јерчиќ.

Според Јерчиќ, подготовката на претставата претставувала еден поразличен процес од она што досега го работеле актерите на Народниот театар – Битола, а кое претходно било повеќе театар на експеримент. „Претставата има тенденција да се доближи до публиката, и има социолошки и политички контекст“, додаде тој.

Драматург е Билјана Крајчевска, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Андреј Папаз-Ѓоргиевски, а композитор Маријан Неќак.

Според драматургот Билјана Крајчевска, ова е приказна за луѓе коишто под маската на семејниот живот, делумно од страв или паника, но исто така и од некаква извртена љубов мораат да се уништат. „Колку повеќе откриваат за себе едни за други, толку повеќе сфаќаат дека не се познаваат, дека си се туѓинци. Драмата почнува токму по нивното среќавање. Дали дисфункционалноста е новиот поредок на консумеристичко општество? Или пак се најавува пресоздавање на нови меѓучовечки односи? Не постојат едноставни одговори или површни избавувања, само прашања, напливи на проникливост заради кои драмата ни за миг не престанува“, ќе посочи Крајчевска во најавата за претставата. (Н.И.Т.)