Виртуелната претстава „Илузии“ на независниот Wonderland Theatre од Скопје, а во режија на Нела Витошевиќ, од денеска, 14 август, е на глобалната платформа Basita.Live. Според Витошевиќ ова е глобална платформа која е формирана како одговор на ковид-19 кризата во која многу културните творци, особено независните, се сериозно погодени.

Екипата на „Илузии“, која со задоволство ја прифати поканата на Basita да биде дел од нивната платформа, најави дека оваа претстава направена за време на карантинот е селектирана и во официјална селекција на фестивалот “Lift-Off Sessions“.

Виртуелна претстава „Илузии“, која имаше своја онлајн премиера во јуни годинава, всушност зборува за тоа каков би бил светот ако пандемијата потрае.

„Користејќи се со театарски пристап во виртуелниот простор, направивме  претставата која ги отвора темите на љубов, неверство, отуѓеноста на луѓето, празнотијата и минливоста на животот. Теми кои во екстремни времиња како ова кое го живееме несомнено се актуализираат кај секој човек. Поводот за ваквиот пристап на создавање театар е глобалната здравствена криза која ни го оневозможи присуството на театарските сцени…“, изјавија тогаш од независниот Wonderland Theatre.

Претставата додаваат одговара на прашањата „Што би се случувало доколку пандемијата потрае подолго?! Каков би бил светот?! Како би функционирале ние во новонастанатите околности?! Што би се случувало со уметноста, со театарот…?!

Претставата, која е направена за време на карантинот, како што велат од тимот на овој театар, е работена според истоимената драма на познатиот современ руски писател Иван Вирипаев. Секој ден откако ќе започнеше полицискиот час екипата се собираше за проби на интернет-платформите за комуникација.

Во претставата „Илузии“ улогите ги толкуваат актерите: Ивана Павлаковиќ, Никола Настоски, Исмет Шабановиќ и Драгана Лошкова.

Монтажата е на Васил Христов, а музиката на Огнен Анастасовски.

Независниот театар „Вондерленд“ во 2010 го основаа режисерите Нела Витошевиќ и Васил Христов.