Претседателот Пендаровски се сретна со претставници на Комората на извршители

65

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски се сретна со претставници од Комората на извршители, а на средбата присуствуваше и министерката за правда Рената Тренеска Дескоска.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателот, се разговарало за предложените измени на Законот за извршување, како и за предлозите за посебно законско решение за ограничување на максималниот износ на каматите во однос на главнината на долгот, за воведување на институтот „личен банкрот” и за рокот на застареност на побарувањата, особено воведување на апсолутен рок на застареност.

Претставниците на Комората на извршители на средбата истакнале дека се задоволни од законските измени кои предвидуваат отпис на два вида на долгови, односно долгови на граѓаните кон јавните претпријатија, како и отпис на долговите на ЈП кон државните органи. Но, нагласиле дека сите законски измени не смеат да бидат на штета на извршувањето, како важен сегмент на функционирањето на правната држава.

Претседателот Пендаровски го повторил својот став дека секое законско решение треба да биде исклучиво во интерес на граѓаните.