Претседателот на Турција Ердоган се понуди да придонесе за дијалогот меѓу Белград и Приштина

655

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека напредокот во дијалогот меѓу Косово и Србија е единствениот начин за долгорочен мир и стабилност во регионот, јави Радио Слободна Европа (РСЕ) по разговорот на шефот на турската држава со косовскиот премиер Албин Курти.

Претседателството на Турција на својот Твитер профил објави дека имал телефонски разговор со премиерот на Косово Албин Курти и со претседателот на Србија Александар Вучиќ за случувањата на северот на Косово.

Теми на разговорот биле билатералните односи и регионалните прашања, а Ердоган во врска со развојот на настаните на северот на Косово оценил дека сигурниот напредок во процесот на дијалогот е „единствениот начин за воспоставување постојан мир и стабилност во регион“.

Според соопштението, Ердоган истакнал дека Турција е подготвена да придонесе во процесот на дијалог.