Преспанско езеро полека умира

520

Ќе ја доживееа ли Преспанското езеро истата судбина како Дојранското пред три децении кога беше пред целосно пресушување и еколошка катастрофа. Од фотографиите што на фејсбук ги постираше Сара Божиноска, може да се забележи дека езерото полека се губи и умира.

– Никој не ја забележува важноста на оваа загрижувачка еколошка катастрофа. По важно е кој политичар каков скандал направил и дали ќе има друга сезона од вашата омилена турска серија. Јас не сум експерт, но од тоа што го видов на лице место можам да кажам дека ситуацијата е навистина лоша. Насекаде остатоци од изумрена езерска флора и фауна и купови на сува трска, а да не зборувам за отпадната пластика која е насекаде. До кога ќе се игнорираат еколошките катастрофи и зошто упорно се става превез од лаги и се занемарува континуираното уништување на природата – прашува Божиноска.

За состојбата со Преспанско Езеро се алармира и на Википедија. Оттаму нагласуваат дека ова езеро кое го делат Македонија, Грција и Албанија претставува важно водно живеалиште и затоа е прогласено за рамсарско место.

– Во 2020 година е забележано најголемото досега опаѓање на нивото на езерото, кое на места изнесува минус 250 до 260 сантиметри во висина. Сегашната катастрофална состојба на Големото Преспанско Езеро со: намалените ниво на водата за 9 метри и зафатнина за 50%, повлечената крајбрежна линија за 3,5 километри, исушените блата, малиот дотек на чиста, свежа и богата со кислород вода, големото присуство и концентрација на сулфати и пестициди, плитката вода, продорот на сончевите зраци до дното, дислокацијата и наголемувањето на количината и просторот со присуство на разни видови алги, намалената чистота на водата е премногу загрижувачка и безнадежна за Преспанската Котлина – потенцираат од Википедија.

 

Дека состојбата е премногу загрижувачка говори и фактот што деновиве видлив со голо око е најнискиот дел на езерото, тоа е заливот Завир со истоимениот понор. Со испитувањата кои биле извршени во 1925 година, било утврдено дека од понорот Завир водите од Преспанско истекуваат во Охридското Езеро. Со незапаметеното повлекување на водата во 2002 година понорот Завир за прв пат се нашол на копно, а деновиве се случи истото. Во нормални услови овој понор би бил од 50 до 70 метри под вода.

Жителите на Преспа велат дека блатните растенија што беа застапени речиси по целата должина на северното крајбрежје на Големото ПЕ (Перовско-Езеренското Блато), Стенското Блато, северното крајбрежје на Малото ПЕ и јужно од селата Трново и Дреново, во тесниот и плиток дел на Малото ПЕ. Сега, поради повлекувањето на крајбрежната линија за околу 3,5 километри на југ, блатата ги нема. Поранешниот блатен простор е населен со досега непознати растителни видови за овој дел од котлината.

За состојбата во кое се наоѓа ова наше природно езеро, жителите на Преспа ја прозваа државата дека не се грижи да го спречи неконтролираното испумпување на водата од тамошните земјоделци во Албанија и Грција. Но, на ваквата состојба им кумува и фактот што оваа есен и зима беа многу сушни со многу мали врнежи на дожд и снег.

Од ресорното Министерство за животна средина истакнуваат дека во континуитет ја следат состојбата со езерото и најавуваат дека дури наредната недела ќе организираат координативна средба со цел на национално ниво да се разговара за проблемот и да се изнајде соодветно решение.

– Ќе се разговара за досегашните активности и можностите за подобрување на спроведувањето на мерките на Планот за управување со сливот на Преспанското Езеро – потенцираат од МЖСПП. 

На состанокот ќе присуствуваат претставници од научната јавност, односно научниот совет формиран за спроведување на Планот за управување со сливот на Преспанското Езеро, општината Ресен, УХМР, МЖСПП, граѓански организации активни во регионот и сите засегнати страни во имплементацијата на Планот, за да разговараат за досегашните активности и можностите за подобрување на спроведувањето на мерките од Планот.

– Целта е во најкус можен рок да се изврши иницијална експертска анализа на причините за состојбата и можните следни чекори за следење и подобро управување со водостојот на Преспанското Езеро – велат од МЖСПП.

Од Министерството истакнуваат дека со оглед на прекуграничниот карактер на управувањето со Преспанското Езеро поради неговата географска поставеност и по спроведената ратификација на трилатералниот „Договор за заштита и одржлив развој на пределот на Преспа Паркот“ од последната земја потписничка-Грција во 2019 година, со што истиот стапи на сила, Министерството се заложи да го иницира процесот на воспоставување на Комитетот за управување на Преспа Паркот и е во процес на обезбедување номинации од страна на земјите членки: Македонија, Албанија и Грција.

Секторот за управување со водите во МЖСПП иницираше вонреден состанок на националните експерти од Дримскиот воден басен за да ги разгледаат состојбите и да разменат сознанија и согледувања за начините за итно надминување на актуелните состојби со намалување на нивото на водата во Преспанското Езеро.

(С.Бл.) – фото: С.Б.