Во речиси два и пол часа, претставата ги прикажува настаните кои му се случуваат на овластениот јунак Пантаглез во „еден убав ден“, а заради неговата простодушност и наивност со цел подобар живот (кој сите го посакуваме), тој ќе биде вовлечен во револуција. А без да биде свесен за тоа, тој ѝ ќе ја започне револуцијата, ќе ја предизвика со банални зборови (кои секако не обврзуваат) и се разбира на крајот на овој убав ден ќе биде и стрелан. Изманипулиран, искористен, без чадор…

За што служат револуциите и дали сме сите поразени како луѓе?, ќе се запраша гледачот на претставата „Пантаглез“ која според пиесата на Мишел де Гелдерод, а во режија на Владимир Милчин викендов премиерно се одигра во Драмскиот театар-Скопје.

Во речиси два и пол часа, претставата ги прикажува настаните кои му се случуваат на овластениот јунак Пантаглез во „еден убав ден“, а заради неговата простодушност и наивност со цел подобар живот (кој сите го посакуваме), тој ќе биде вовлечен во револуција. А без да биде свесен за тоа, тој ѝ ќе ја започне револуцијата, ќе ја предизвика со банални зборови (кои секако не обврзуваат) и се разбира на крајот на овој убав ден ќе биде и стрелан. Изманипулиран, искористен, без чадор…

Како што ќе рече режисерот Милчин „револуционерите во Гелдеродовиот свет не ги унапредуваат општествата туку уште повеќе ги продлабочуваат човечките страдања“. Дали е така и во вистинскиот свет, ќе оцени гледачот кој и самиот анализирајќи ги зборовите на ликовите како Пантаглез, револуционерите, судиите, адвокатите, тајната полиција, ќе насети, а можеби и препознае актуелни настани, случувања од поблиската и/или подалечната историја ‘без оглед на тоа на која страна на барикадите стои’.

Живееме во свет во кој владее нечовечност, лажен патриотизам, желба единствено да се дојде на власт и брзо да се збогати, а токму таков е и светот на Пантаглез, кој авторот Гелдерод го создал во далечната 1929 година. Оттогаш како човекот да не научил ништо или поточно како да ја изгубил меморијата…

„Човештвото и денес страда од болеста на заборавот и тоа го плаќа скапо и крваво. Една од мисиите на театарот е да го потсетува човештвото на неостварените и/или злоупотребените идеали, како и на заблудите кои ги заслепуваат и онеспособуваат луѓето. Боите се измешани: црвеното е црно, црното е црвено, левото е десно, десното е лево. Убавите денови се денови на помрачување. Помрачување на сонцето и помрачување на умот“, ќе посочи познатиот македонски режисер Милчин кон претставата која по речиси 50 години повторно ја поставува во Драмски, каде се враќа по 15 години.

Ликот на Пантаглез верно го толкува Зоран Љутков, а Соња Стамболџиоска е во улогата на револуционерката Рахела. Во останатите улоги, пак, настапуваат Лазе Манасковски, Стефан Вујисиќ, Димитрија Доксевски, Златко Митрески, Александар Степанулески, Дамјан Цветановски, Игор Георгиев, Предраг Павловски, Филип Трајковиќ, Жарко Јовановиќ, Симон Манасковски, Стефан Петровски и Никола Ристески. Сценографијата е на Крсте Џидров, костимографијата на Марија Пупучевска.

На премиерата во Драмски присуствуваа повеќе познати личности од јавниот живот, кои беа пречекани и поздравени од в.д. директорката на Драмски, Катерина Коцевска. (Н.И.Т.)