Премиерно во МНТ: Новата поставка на „Отело“ има цел да се приближи до младата публика

163

„Анализирајќи ја драмата еден подолг период, заклучивме дека ликовите мора да ги направиме разбирливи не само за публиката туку и за нас самите. Мислам дека Шекспировите теми се исклучително актуелни и дека можат да се третираат како проблеми на современото живеење“, изјави режисерката Нина Николиќ во пресрет на премиерата на „Отело“ што ќе се одржи вечерва (4 декември) со почеток од 20 часот во Македонскиот народен театар

„’Отело’ е драма која зборува токму за непрепознавањето на знаците на потенцијално насилство кои неретко имаат фатален крај. Начинот на кој го третиравме текстот беше во насока на актуализирање на темата и нејзино приближување најмногу до младата публика. Анализирајќи ја драмата еден подолг период, заклучивме дека ликовите мора да ги направиме разбирливи, не само за публиката туку и за нас самите. Мислам дека Шекспировите теми се исклучително актуелни и дека можат да се третираат како проблеми на современото живеење“, изјави режисерката Нина Николиќ во пресрет на скопската премиера на новата поставка на познатата драма на Вилијам Шекспир „Отело“, која ќе се одржи на 4 декември, со почеток од 20 часот во Македонскиот народен театар. Според драматургот Тамара Барачков, во оваа постановка на Шекспировата драма карактеристично е радикалното интервенирање во јазикот и стилот, а целта била да се истражи на кој начин и во колкава мера трансформацијата на јазикот и „преведувањето“ во современ говор може да влијае не само на изворниот Шекспиров ракопис туку и на прашањата што ги нуди драмата. „Јазикот е директен и лишен од поетичност, со што се акцентирани и нагласени теми што се актуелни и денес. Целта не е Отело да биде ослободен од вина и од одговорност за убиството, ниту да се прикажат неговите дела и однесување исклучиво како последица на сплетките и лагите на Јаго. Јаго, пак, во оваа претстава не е лик олицетворение на злото туку човек со слабости, несреќен и несигурен, можеби и несвесен дека една интрига и ситна пакост, која ја прави поради одмазда, ќе покрене серија крвави, трагични настани. Низ приказната за љубомората и стравот од неверство се проблематизира односот кон жените што се препознава и денес“, ќе посочи Барачков.

Во претставата, која е копродукција помеѓу Босанското народно позориште Зеница, МНТ и Перипетија продукција, настапуваат: Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Aлександар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ-Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед.

Како што посочи, пак, Николиќ неодамна за весникот „Вечер“ за оваа драма се интересирала од поодамна, но во моментов биле создадени услови и екипа за нејзино поставување. „Генерално ме интересираше љубомората како доминантна емоција кај најголем дел од ликовите, која води до еден толку трагичен и неочекуван крај. Сакав да ја прикажам суштината на приказната преку соголување, но не и поедноставување на јазикот. Заедно со мојот драматург Барачков, направивме адаптација која, на мое огромно задоволство, комуницира одлично со младата публика“, рече таа посочувајќи дека преку доближување на јазикот до денешниот начин на изразување всушност сакале да ја зајакнат, а не да ја поедностават приказната.

Инаку, претставата премиерно се прикажа во Босанското народно позориште Зеница на 16 ноември. „Тоа што во претставата говориме на два јазика за нас беше огромен предизвик и одговорност да ја направиме приказната разбирлива, а јазикот наместо пречка да ни биде алат за збогатување на она што го презентираме пред публиката“, рече Николиќ по враќањето од Босна.

Како копродукциски проект претставата се подготвувала на две локации, Охрид – каде се одржале дел од читачките проби во мај оваа година, и Зеница – каде што се работело речиси три месеци и тоа во две фази. Сценографијата е на Вишња Вујовиќ, костимограф е Ивана Каранфиловска-Угуровска, сценски движења на Димитриос Сотириу, дизајнер на светло е Крис Јегер, а композитор е Дуке Бојаџиев. (Н.И.Т.)