Премиера на филмот „Сите против сите“ во чест на 30 години независност на Република Словенија

160

Во Кинотеката на Македонија, на 23 јуни, со почеток од 20 часот, ќе се одржи македонската премиера на филмот „Сите против сите“ (Vse protiv vse) –словенечко-македонско-хрватска копродукција.

Со проекцијата на „Сите против сите“ – последниот игран филм од режисерот Андреј Кошак, Словенечката амбасада во Скопје ја одбележува 30 годишнината од независноста на Република Словенија. Пред проекцијата на публиката ќе ѝ се обрати словенечкиот амбасадор Милан Предан, а потоа и режисерот Кошак.

„Овој политички трилер, за кој автор на сценариото е Кошак, третира теми како што се: изборните измами, распаѓањето на моралните вредности и корупцијата на општеството… Градоначалникот на Ровте, гратче во подножјето на Алпите, се наоѓа пред пораз на претстојните локални избори. За да си обезбеди уште еден мандат, тој бара помош од озлогласен криминалец. Во четирите денови до датумот за избори – сè може да се случи…“, посочуваат од Кинотека како најава за филмот.

Ова остварување доби финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија – преку продукцијата „MIND Production“ и продуцентите Илија Циривири и Дејан Илиев. Исто така, македонски „влог“ во филмот се и актерите Благој Веселинов и Милан Тоциновски, како и монтажерот Мартин Иванов. Филмот само во првата половина на 2021 освои дузина награди на разни филмски фестивали.

Инаку, Кинотеката и Словенечката амбасада најавуваат и соработка на уште неколку заеднички проекти до крајот на годината, поврзани со словенечката кинематографија, документарни филмови за словенечката рок-сцена, како и гостување на видни словенечки филммејкери.