Новата младинска претстава во режија на Хана Миленковска и во продукција на Театарот за деца и младинци која премиерно ќе се изведе на 18 ноември во 19 часот ги опфаќа проблемите поврзани со врсничкото насилство поточно силеџиството во едно средно училиште, но всушност се прикажува и силеџиството во општеството како и гневот што го носиме во себе кој предизвикува друг гнев…

„Што е силеџија“ е претстава која ги опфаќа проблемите поврзани со врсничкото насилство поточно силеџиството во едно средно училиште, но всушност се прикажува и силеџиството во општеството како и гневот што го носиме во себе кој предизвикува друг гнев. Ова се темите на новата младинска претстава во режија на Хана Миленковска и во продукција на Театарот за деца и младинци која премиерно ќе се изведе на 18 ноември во 19 часот.

„Темите во авторскиот текст на Горјан Милошевски и Хана Миленковска, пак, произлегуваат од еден сложен синџир, од една долга верига на односи, трауми, случки, силеџии од детството, силеџии од сегашноста… Имено, веќе не е доволно и не помага само да се зборува за силеџиите и нивниот чин на насилство, да се прави претстава или филм во кој гледаме како насилни индивидуи малтретираат други индивидуи. Веќе живееме во време кога сме освестени за повеќеслојноста на овој проблем. Мора да се најдат причините, настаните, луѓето кои од едно нормално дете, еден чист човек направиле силеџија“, се вели во најавата за претставата.

Приказната се врти околу еден инцидент во кој учествуваат пет средношколци: Васил, Стефан, Марија, Мартин и Луција. „Гледаме како ништо сериозно не се презема во врска со жртвите на насилството, како никој не реагира на гневот, агресијата што се пренесува од еден на друг, од една средина во друга, поради траумите или во име на личните интереси. Не се пристапува на проблемот аналитично и покомплексно, па затоа и овие млади луѓе се во апатија, бунило, немоќ да направат нешто за да се прекрши овој синџир“, ќе посочи коавторот на текстот Горјан Милошевски истакнувајќи дека со режисерката Миленковска овие прашања ги разгледувале преку триаголникот: семејство, игралиште и училиште. „Значи причините мора да се бараат во минатото, во околните причинители, средината: фамилијата, училиштето и местата каде младите играат со своите другари“, додава Милошевски.

За режисерката Миленковска, начинот на кој се занимаваат со темата е анализа на причинско- последичниот однос на еден насилен чин. „Тоа значи дека проблемот не го лоцираме во самиот акт, туку внимателно сецираме што сè се случило кај секој од ликовите (петмината тинејџери) за да стигнат таму кај што се и да постапат така како што постапиле. Со цел подобро разбирање на проблемот од денешна перспектива, текстот го развивавме со фокусна група од осум средношколци од различни училишта во Скопје, кои имаа храброст и доверба да ни пренесат како тие го разбираат насилството“, истакна за весникот „ВЕЧЕР“ Миленковска.

Во претставата улогите ги толкуваат Никола Наковски, Петар Стојанов, Мики Анчевски, Матеа Јанковска и Ангела Димитрова, а кореографијата е на Валентино Апостоловски. (Н.И.Т.)