Премиера на „Иванов“ во МНТ, претстава за бесперспективноста на човековите напори за менување

284

Во продукција на Македонскиот народен театар, претставата „Иванов“, според делото на Антон Павлович Чехов, а во адаптација и режија на Бузалковска, премиерно ќе се изведе вечерва (26 мај), во 20 часот, на големата сцена на овој театар. „’Иванов’ е претстава за човек со отворен ум, прерано и неповратно уништен од едно општество на медиокритети, самозадоволни, самобендисани, просечни и потпросечни, богати, влијателни личности, општество каде што просторот за оној што има капацитет и потенцијал е максимално стеснет, до степен на задушување. Претставата ќе зборува и за лихварството и за материјалното ропство, за маргините и за мејнстримот, за општеството без идеали и за бесперспективноста на човековите напори за создавање и менување“, рече режисерката Бузалковска, во неодамнешното интервју за весникот ВЕЧЕР

Претставата „Иванов“, според делото на Антон Павлович Чехов, во адаптација и режија на Зоја Бузалковска, а во продукција на Македонскиот народен театар, премиерно ќе се изведе вечерва (26 мај), во 20 часот, на големата сцена на овој театар.

Како што неодамна посочи режисерката Бузалковска во интервју за весникот ВЕЧЕР, „Иванов“ е нејзина дамнешна преокупација, но како што изминувале годините, сечилото се изострувало по прашањето на местото на интелектуалецот во современото општество.

„Тоа е претстава за човек со отворен ум, прерано и неповратно уништен од едно општество на медиокритети, самозадоволни, самобендисани, просечни и потпросечни, богати, влијателни личности, општество каде што просторот за оној што има капацитет и потенцијал е максимално стеснет, до степен на задушување. Претставата ќе зборува и за лихварството и за материјалното ропство, за маргините и за мејнстримот, за општеството без идеали и за бесперспективноста на човековите напори за создавање и менување“, рече Бузалковска.

Инаку, во претставата улогите ги толкуваат Благој Веселинов како Иванов, како и Драгана Костадиновска, Оливер Митковски, Ѓорѓи Јолевски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Григор Јовановски, Нина Деан, Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски, Мартин Ѓоргоски, Николина Кујача, Ивица Димитријевиќ.

Режисерката вели дека кај нас е малку познато дека постојат две печатени верзии на овој текст, првата во жанрот на комедијата, а втората во жанрот на драмата. „Јас направив адаптација според двете верзии. Така, претставата ќе се обиде, и преку ова ‘младо’ дело на Чехов, уште повеќе да се доближи до она што подоцна станува препознатлив печат на овој мајстор на трагикомедијата“, вели таа.

Покрај, режисерката, на претставата како сценографи се потпишуваат и Илина Ангеловска и Тодор Дајевски. Костимографијата е на Роза Трајческа-Ристовска, а композитор на музиката е Давид Ангелевски. Преводот од руски јазик е на Драгица Најческа.

Бузалковска во нашиот медиум потсети и дека „Иванов“ во МНТ последен пат е поставена пред речиси четириесет години. „Но театарот е уметност на сега и овде. Важно е и други генерации да се соочат со некои прашања што ги поставува ова дело“, вели таа.

И од МНТ посочуваат дека денешната поставка на драмата „Иванов“ е втора поставка на истоимената драма во овој театар. „Првата премиерно е прикажана на 25 октомври 1984 година, во режија на Бранко Ставрев, со сценографија и костимографија на Владимир Георгиевски и избор на музика на Љупчо Константинов. Главната улога ја толкувал Ристо Шишков, а во останатите се појавиле Јоана Поповска, Кирил Ќортошев, Душко Костовски, Љупка Џундева, Томе Витанов, Катерина Крстева, Кирил Ристоски, Игор Џамбазов…“, ќе напише д-р Ивана Јарчевска.

Драмата „Иванов“ е прво поставено дело во театар на еден од најголемите руски, но и светски драмски писатели. Чехов ја доставува како драма во четири чина, која ја напишал за десет дена. Премиерно е изведена на 19 ноември 1887 година, во театарот на Фјодор Корш во Москва, тогаш мошне популарен кај тамошната публика. На денот на премиерата реакциите на публиката биле различни: од громогласно аплаудирање, до свиркање, скокање од места и тропање со нозете до тепачка во галеријата. Но, во целост претставата имала успех, дури била и забележена. Сепак, поставката го потиштува самиот Чехов. Во писмото до неговиот брат, тој вели: „не ги препознавам своите први забелешки како мои“ и дека актерите „не ги знаат своите делови и зборуваат глупости“. Иритиран од ова, Чехов прави измени на драмата со што конечната верзија е различна од онаа првата. Изменетата верзија на драмата е прифатена во Санкт Петербург, каде што се изведува во 1889 година. Ревидираната верзија е успешна и нуди предзнак на стилот и темите на неговите следни ремек-дела. (Н.И.Т.)