Премиера на „Едвард раце ножици“ во Театарот за деца и младинци 

272

Колку сме подготвени да ги надминеме предрасудите кон различните од нас и да ги прифатиме, и каков е третманот на општеството кон маргинализираните групи е тема на младинската претстава „Едвард раце ножици“ во режија на Нела Витошевиќ, која утревечер (22 октомври) од 20 часот премиерно ќе ја изведе Театарот за деца и младинци.

Претставата е работена според познатиот истоимен филм од 1990 на Тим Бартон, има едукативна порака и целна група е млади над 14 години. Досега филмот сценски е поставен само во Австралија и тоа во балетска кореографија.

Приказната е сместена во 50-тите години на минатиот век во САД, каде што се појавува Едвард (во филмот го игра Џони Деп) со раце – огромни ножици, што на почетокот им изгледа егзотично на луѓето во конзервативната и конформистичка средина. „Но, подоцна го отфрлаат зашто им ја разнишува нивната комфорна зона и општеството го прогласува за опасен за околината. Тој е принуден да се врати во замокот каде што и претходно живеел сам“, вели режисерката Витошевиќ која го оценува делото како современа бајка.

Насловниот лик во претставата го игра Бојан Кирковски, Симона Спировска, пак, ликот на Пег Богс. „Претставата зборува за конформистичкиот дух, за општество кое навидум изгледа весело и либерално, а под тоа е нешто друго. Контраст на тоа е мрачниот замок што се издига над градот и кој го симболизира внатрешниот свет на ликовите“, додава Витошевиќ која ја направи и драматизацијата заедно со Ивана Ангеловска.

Сценографијата е на Костантин Трпеноски, костимограф е Роза Трајческа Ристовска, а композитор Огнен Анастасовски. Во претставата играат 13 актери од различни возрасти, меѓу нив и млади и нововработени во ТДМ.

„Едвард раце ножици“ ќе се игра во средите од 20 часот. Директорката на ТДМ  Катарина Илиевска-Силјановска соопшти дека до крајот на годинава подготвуваат уште две премиери – претстава за тинејџери и куклена за деца.