Премиера на детската претстава „Приказни за ветрот и месечината” во прилепскиот театар

202

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински” утре напладне премиерно ќе ја прикаже детската претстава „Приказни за ветрот и месечината” според басните на Езоп, Ла Фонтен и на Марко Цепенков, во режија на Кирил Петрески.

Според режисерот Петрески, пораката е голема зашто басните ги имаат карактеристиките на луѓето претставени преку животните. Побитни се во денешното време како порака за новите поколенија.

-На крајот сме од процесот на претставата за деца „Приказни за ветрот и месечината”. Подготвувајќи се за претставата, дознавме дека низ вековите со овој вид жанр-басни се занимавале голем број писатели. Почнувајќи од Езоп, па Ла Фонтен, до Марко Цепенков кој во своето дело ги насловува како „Приказни за животни”. А денеска се создаваат нови и современи басни. Според своите форма и содржина, басните се поврзани со митовите, се занимаваат со теми кои допираат до човековото постоење и до карактерите и секогаш завршуваат со некаква поука. Зборуваат за искреност, добрина, дарежливост и мудрост, но и за лакомост, скржавост и гордост. Во басните, често, послабиот го победува посилниот, мудроста и чесноста ги победуваат глупавоста и насилството. Овие карактеристики им биле битни на луѓето, но сега, во ова денешно време, уште повеќе од кои треба да учиме и да ги потсетуваме нашите потомци, вели тој.

Надица Ѓеорѓијоска, млада актерка, нагласува дека искуството во детските претстави е непроценливо.

-Ова е втора моја претстава за деца, но, повторно е ново и големо искуство. Басните се приказни со одредени карактери на луѓето преку животните. Го толкувам ликот на девојчето Маљ кое најчесто се лути, недопирлива и на моменти е себична. При дружењето со животните, драстично го променува карактерот во друштвена, расположена и која знае да го вреднува другарството.

Сценографот и костимограф Александар Џинго смета дека имаат современ пристап близок до восприемањето на детските очи.

-Пристапот е современ при дизајнирањето на костимографијата и на сценографијата за да се постигне современо ликовно решение кое во спој со актерската игра да дејствува како добро решена слика. Костимите се стилизација на реалната форма на животните за да биде поблиску до восприемањето на детските очи, вели Џинго.

Во претставата играат: наташа Ачански, Александар Тодески, Јасмина Мицоска Станкоска, Катарина Чакмакоска Клинческа, Михајло Миленкоски и Надица Ѓорѓијоска. Музиката е на Томе Темелкоски.

Ова е претпоследна претстава во прилепскиот театар за оваа година.