Премиера на „Арапска ноќ“ во Прилепскиот театар

162

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ вечерва, во 20 часот на матичната сцена премиерно ќе ја изведе претставата „Арапска ноќ“ од Роланд Шимелфениг во режија на Зоја Бузалковска.

Дејството во претставата „Арапска ноќ“ се случува во еден европски град, на седмиот кат од една станбена зграда, во една летна ноќ, кога веќе востановената практика на функционирање на животите секоја вечер, ненадејно се прекинува. Со текот на времето, зградата се претвора во „волшебна кула“ и станува „извор на магичен реализам“. Елементите на трилер (низа стапици, недоразбирања, бркотници, ненадејни пресврти, убиство, љубовен триаголник – кој можеби и не е тоа) ја градат неизвесноста, а приказната која почнува така што се чини дека секој од ликовите дејствува сам за себе, полека ги пополнува испрекинатите линии и добива на тензичност и густина.

Бузалковска, која по осум години ја обновува соработката со прилепскиот ансамбл вели дека станува збор за специфичен автор со специфичен израз, со еден нетипичен стил.

„Станува збор за текст кој сакав одамна да го поставам на сцената. Прилепскиот театар досега докажал дека е подготвен на авантури. Во некоја смисла на театарски експерименти и на посмел одговор на она што се прави. Пет актери играат во претставата. Раскажувањето ја движи приказната, а од друга страна, зборува за најсовремени актуелни теми, од современото, урбано живеење. На претставата и дадовме една музичка димензија која може да биде своевиден концерт и се гради драмско-музичка структура. Текстовите на овој автор се повеќе прашања и загатки кои ние се обидовме во оваа претстава да ги отвориме“, вели Бузалковска на која ова и е и прва соработка со групата Фолтин.

За актерите од прилепскиот ансамбл, предизвик е да се работи со режисер кој експериментира. „Бузалковска е режисер кој сака да експериментира и за нас, актерите, секогаш тоа е предизвик. Во секој проект има нов пристап. Таа експериментира со текст кој е многу тежок за поставување“, вели актерот Димитар Ѓорѓиевски.

Во претставата „Арапска ноќ“ играат: Игор Трпчевски, Даниела Иваноска, Ангела Наумоска, Александар Степанулески и Димитар Ѓорѓиевски. Сценографијата и костимите се на Јулијана Војкова-Најман, музиката е на групата Фолтин, а драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.