Преку триесет години сум по нашиве шуми, но ваков масакр немам видено!

7449

Професорот на Шумарскиот факултет, Јане Ацески е згрозен од масакрот што е направен по шумите низ државава. Тој на неговиот фејсбук-профил објави фотографии од кои се гледа како цели ридови се соголени од (не)легалната сеча што се врши со години.

– Искрено се засрамив самиот пред себе од мојата струка. Нема понатаму да коментирам, само ќе кажам срам и арам за сите што се дел од ова – вели Ацески.

Извештајот на „Глобал форест воч“ покажува дека од 2001 до 2019 година, Македонија изгубила 38,6 илјади хектари шума, поради бесправна и прекумерна планска сеча на дрва. Проценките се дека нелегалната сеча се движи околу 25 – 30 проценти од вкупно исечената дрвна маса и дека шумската мафија заработува и до 25 милиони евра годишно од нелегалното сечење дрвја.

– Во Македонија официјално нема заштитени шуми. Порано официјално прогласени биле околу 18.000 хектари (со нив стопанисувало „Водостопанство“ со вработени шумарски инженери). Од пред речиси 20 години, кога шумите прејдоа под ингеренции на ЈП „Македонски шуми“ се претопија во постојаните „шумско стопански единици“, односно  шуми со стопанска намена и така се загуби статусот на заштитени шуми – велат од 02 Иницијатива.

Според картата на ерозии, дури 96,5 проценти од целокупната површина на Македонија е под процес на ерозија. Најчести причини за зголемените ерозии се лошото управување и прекумерното сечење на шумите.

Добриот познавач на состојбите со шумите во нашата земја, Војо Гоговски вели дека видливо е дека се работи за стопанска шума, која првенствено се користи за трајно производство на дрвни сортименти.

– Ако со внимание се погледнат фотографиите, може да се забележат поединечни, рамномерно распоредени трупци, ниско исечени (приближно околу 1/3 од градниот пречник) на кои има и изданкова обнова и околу овие трупци нема расфрлено гранки, што упатува на спроведена проредна сеча и воведен шумски ред, што повторно е индикација на легално спроведени одгледувачки сечи – вели Гоговски.

Но, вели тој, по планираните стопански активности, на теренот има појава на шумски кражби со голем интензитет – чиста сеча, при што се исечени сите стебла со поголем пречник кои со проредната сеча се оставени како семенски стебла кои треба да дадат квалитетно семе за природна обнова на шумата.

– Револтот кај Јане Ацески е оправдан бидејќи целосно потфрлил системот во шумарството како стопанска гранка (ЈП за стопанисување со шуми со шумочуварската служба, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со Шумската полиција кои се надлежни за чување на шумите од шумски кражби – реонско и контролно-патролно чување на шумите и Државниот инспекторат за шумарство и ловство како орган за контрола и надзор). Но тука мора да се споменат како надлежни институции и Министерството за внатрешни работи и посебно Судскиот систем на државата – вели Гоговски.

Токму на оваа тема утре ќе се одржи панел-дискусија на тема „Како до подобра контрола врз управувањето со шумите?“, која треба да ги детектира проблемите и да иницира надлежните да си ја вршат работата и да му се стави крај на уништувањето на нашето природно богатство.

(С.Бл.)