Преку „Рециклирај и донирај“, лани собрани околу 7 илјади литри масло

45

Екохуманитарната акција на невладината организација „Љубезност“ за собирање отпадно масло за јадење и за донирање рафинирано масло за јадење „Рециклирај и донирај“ продолжува и понатаму како тековна активност во соработка со „Sunilens“.

Од „Љубезност“ велат дека бројот на домаќинства што изразуваат желба да собираат отпадно масло за јадење, постепено се зголемува и објаснуваат дека системот функционира на тој начин што тие ги полнат празните кантички во своите домови и ги предаваат собраните количини отпадно масло.

Наградата од свежо сончогледово масло ја насочуваат преку „Љубезност“, како донација за социјално загрозените семејства. Во текот на цела 2021 година, од домаќинствата биле собрани вкупно 6.747,5 литри отпадно масло за јадење, а биле донирани 698 литри свежо сончогледово масло.

Сите оние граѓани што сакаат да ѝ се приклучат на оваа екохуманитарна акција и да дадат свој придонес во зачувувањето на животната средина, да им помогнат на социјално загрозените семејства, слободно можат да контактираат со „Љубезност“ или да се јават во „Sunilens“, на телефонскиот број 02 2650 100.

Ќе бидат доставени празни кантички директно во домовите на заинтересираните.