Преку игри учат за дејностите на Црвениот крст

224

По повод Неделата на промоција на хумани вредности на Црвениот крст (ПХВ), од 21 до 27 септември, направени се 39 игри, од кои 35 за на маса и четири онлјан. Овие игри се насочени кон промоција на Црвениот крст.

Бисера Василевска, која е трета година во средното училиште „Никола Карев“ во Скопје, е меѓу волонтерите од општинската организација на Црвениот крст-Карпош кои изработија две игри. Станува збор за играта „хумани карти“ направена по принципот на веќе постоечката игра со карти „макао“, додека другата е „волонтер на месецот“, направена според принципот на друштвената игра „монопол“

Креативни игри насочени кон промоција на Црвениот крст создадоа младите волонтери од Црвениот крст на град Скопје, по повод Неделата на промоција на хумани вредности на Црвениот крст (ПХВ), од 21 до 27 септември. Заедно творејќи, и оваа година тие создадоа трајно наследство за својот Клуб и за својата општинска организација на Црвен крст и за целото Национално друштво.

Како што објасни Александра Ристовска, самостоен стручен соработник во Црвениот крст на град Скопје, игрите се board game (игра за на маса, со физичко присуство) или електронски.

-Тие се поврзани со дисеминација на Црвениот крст, со тимската работа, со промоција на хумани вредности, со промоција на добрите дела во заедницата, со промоција на добрите и хуманите примери – нагласи Ристовски. 

Таа информираше дека вкупно се направени 39 игри, од кои 35 за на маса и четири онлјан.

Бисера Василевска, која е трета година во средното училиште „Никола Карев“ во Скопје, е меѓу волонтерите од општинската организација на Црвениот крст- Карпош, кои изработија две игри. Учествувале две групи со по 10 волонтери.

– Едната игра е „хумани карти“, која ја изработивме по принципот на веќе постоечката игра со карти наречена „макао“, со тоа што наместо знаци, како што се: срце, лист, детелина и баклава, картите се поделени според дејностите на Црвениот крст: прва помош, социјално-хуманитарна дејност, здравствено-превентивна дејност, крводарителство и забавно-рекреативни активности. Другата игра, пак, е наречена „волонтер на месецот“. Таа се игра по принципот на веќе постоечката „монопол“. Играта е составена од полиња со насоки кои се даваат во текот на активностите на Црвениот крст, а на посебни картончиња се напишани прашања кои се влечат доколку стапнеш во одредени полиња – објаснува Василевска.

Играта „хумани карти“, според Василевска, се игра на ист начин како играта „макао“.

– На почеток се мешаат картите. На секоја картичка има напишано по една реченица и според неа можеш да определиш за која дејност станува збор. Доколку картата извлечена од средина е за социјално-хуманитарна дејност, волонтерот треба да фрли карта поврзана со социјално-хуманитарна дејност. Картите за социјално-хуманитарна дејност се фрлаат сè додека не се потрошат, а потоа се менува дејноста со картите за забавно-рекреативни дејности, улога што во „макао“ ја игра џокерот. Картите постојано се менуваат и кој ги потроши прв тој е победникот – го објаснува Василевска начинот на играње.

Што се однесува до втората игра „волонтер на месецот“ направена на принципот на играта „монопол“, Василевска потенцира дека се направени полиња и наместо држави има напишано реченици на пример: „земи ја кутијата и побарај донација“.

– Како што во монополот има посебни картички да купите држава, така во нашата игра влечеме картички на кои има прашања за Црвениот крст. На пример: „Кога е формиран Црвениот крст?“ – нагласи Василевска.

Зошто токму ги избрале овие игри, таа потенцира дека целта била да се промовираат активностите на Црвениот крст, па затоа и целата дискусија кога одлучувале за нивна изработка се водела околу тоа тие да бидат поврзани со нешто што досега го научиле во Црвениот крст.

Василевска додава дека во изработката на игрите биле вклучени сите волонтери подеднакво и биле исполнети главните цели: корисно исполнето слободно време, забава, пронаоѓање на нови вредности, соработка и друго.

– Овие игри што ги направивме се трајно наследство што ќе го оставиме на идните волонтери кои ќе имаат можност на забавен начин да се информираат за работата на Црвениот крст – заклучи Василевска.

Она што следува сега е избор на најдобрите игри кои понатаму ќе бидат отпечатени и диструбуирани до сите. Овој процес ќе биде направен со колегите од централната канцеларија кои се задолжени за младите и за дисеминација.

Во одбележувањето и во креативниот процес биле вклучени вкупно 20 општински организации на Црвениот крст и ПХВ тимот. Изработен е и електронски постер, кој се користeл за промоција на неделата. Според проценките, целиот процес за младинците беше едно ново ангажирање, анимирање и оттргнување со мислите од секојдневието кое сега е мошне поразлично. Поголемиот дел ООЦК ја искористија можноста преку овој начин да регрутираат нови волонтери, што сметаат дека е и тоа како потребно.

 (А.П.)