Прекинат транспортот на филтерска прашина од Макстил во Тајланд

254

Прекинат е транспортот на филтерската прашина од „Макстил“ во далечниот Тајланд преку пристаништето Драч кој почна кон средината на август годинава. Пејо Кировски, виш инспектор за животна средина кој е раководител на Одделението за инспекциски надзор во животната средина – Скопски регион за весникот ВЕЧЕР вели дека прекинот е околу еден месец откако Република Албанија забрани транзит преку нејзина територија на шлеперите со прашината пакувана во џамбо вреќи.

– Чудно е што Република Албанија така реагираше со оглед дека и таа е потписник на Базелската конвенција која го регулира извозот, движењето и увозот на опасен отпад. Како и да е, МЖСПП за оваа одлука ги извести надлежните во „Макстил“ и сега најверојатно бараат друга транспортна рута, а алтернатива им се солунското или некое од пристаништата во Бугарија – изјави Кировски.

Инаку, беше планирано во рок месец и половина да бидат утоварени, транспортирани и уништени 10 илјади тони филтерска прашина што настанала од процесот на производство на овој металуршки гигант. До спуштањето на рампата кај „Ќафасан“ преку пристаништето Драч беа отпремени околу 70 шлепери.

Транспортот се врши врз основа на Дозвола за извоз издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање на филтерска прашина со шифра 10 02 07* согласно со Правилникот – Листа на видови отпад од Законот за управување со отпад усогласен со Европскиот каталог за отпад, Базелска шифра А4100. Според Кировски, ако шифрата која означува за каков отпад станува збор на крајот го има знакот *, значи дека е опасен отпад кој бил складиран во кругот на „Макстил“.

(С.Бл.)