Пред фактите почнаа да паѓаат оставките!

Професорот Ванчо Ѓорѓиев поднесе оставка од Комисијата, поради отворени обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата, што кулминирало со директно мешање на висок функционер во МНР во стручната работа. Тој, во отвореното писмо до јавноста истакна дека препораките за македонските учебници за VII одделение биле донесени без негова согласност, а демонстрираните ставови од страна на другите членови на македонскиот дел од Комисијата, биле во спротивност со усвоената Резолуција за црвени линии во преговорите меѓу Македонија и Бугарија. Во меѓувреме, и група од 85 македонски интелектуалци со отворено писмо реагираа на постојаното ангажирано негирање на македонските идентитетски обележја со цел, како што се наведува, да се прикаже дека македонската нација е вештачка креација на Коминитерната и на Јосип Броз Тито, која како таква постои од 1945 година, и дека преку присилна пропаганда од тогашните комунистички власти „Бугарите“ во Македонија биле принудувани да се запишуваат како Македонци

211

На вториот ден од средбата на мешовитата комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, професорот Ванчо Ѓорѓиев даде оставка, поради, како што наведе, отворени обиди за политичко влијание врз работата на историчарите, што кулминирало преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР. Тој, во отвореното писмо до јавноста истакна дека препораките за учебниците за VII одделение за македонските учебници, кои се разгледувале на првиот ден од состанокот, во четвртокот, биле донесени без негова согласност.

Демонстрираните ставови на последната средба од страна на другите членови на македонскиот дел од Комисијата, не само што се во спротивност со Резолуцијата усвоена на 29. 7. 2021 година од македонското Собрание, со која се утврдуваат црвените линии во преговорите меѓу Република Македонија и Република Бугарија, туку и со македонските национални интереси. При такви околности, под влијание на двојното водство во македонскиот дел од Комисијата, се отстапи од утврдените принципи за консензуално носење одлуки по сите прашања; при што не беше испочитувано договореното на координативниот состанок од 20.10.2021 година, вели Ѓорѓиев.

Тој ги охрабри членовите на Комисијата со кои повремено споделувале слични ставови и вредности, да не ја „виткаат кичмата“. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи го потврди повлекувањето на професорот од Комисијата, но не даде повеќе детали со наводите за притисоците и за политичкото влијание од ресорното министерство.

Тој додаде дека Министерството ќе учествува во обезбедувањето на формата и давањето на логистичката поддршка на работата на Комисијата.

И порано имаше неколку членови кои се повлекоа поради различни причини, меѓутоа овој процес продолжува. Јас ги охрабрувам членовите на Комисијата да се обидат да најдат решение за да се оди напред во договарањето и на заедничките текстови за заедничко одбележување, меѓутоа и за препораките за учебниците. Колку што знам, вчера тема била Самоил чиј текст веќе е договорен од пред една година, меѓутоа прашањето било како тој текст и дали треба тој текст да се препорача како насока за учебниците. Така што се разговараше за прашање кое што веќе е апсолвирано уште минатата година. По однос на заедничкиот наратив немаше ништо ново како тема, за да може да има потреба од каков било политички притисок или, пак, за да има причина за политизирање на Комисијата во рамки на сегашниот предизборен контекст, рече Османи.

За жал, додаде министерот, на првиот ден немаа ништо договорено и тоа „многу повеќе ме вознемирува отколку тоа дали еден член поради различни причини се повлекол“.

Членовите на бугарскиот тим и на новата средба пристапија скептично и провокативно. Рекоа  дека „очекуваат разум и професионалност“ од македонските колеги. Копретседателот Димитров за бугарските медиуми рече дека не очекува никаква промена од македонскиот дел на Комисијата, додека пак, членот Топалов тврди дека Македонците избегнуваат конкретна дебата.

Ова е четврта средба од предвидените пет за оваа година, вкупно 15-та, на која формално домаќин е Софија.

Во меѓувреме, група македонски интелектуалци во обраќање до јавноста реагираа дека во изминатиов период земјата е соочена со постојаното ангажирано негирање на македонските идентитетски обележја: народот, нацијата, јазикот, културата, од страна на владините и на државните институции на Бугарија со цел, како што се наведува, да се прикаже дека македонската нација е вештачка креација на Коминитерната и на Јосип Броз Тито, која како таква постои од 1945 година, и дека преку присилна пропаганда од тогашните комунистички власти „Бугарите“ во Македонија биле принудувани да се запишуваат како Македонци.

Уште повеќе, со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се бара и прифаќање на т.н. заедничка историја со Бугарија, а воедно и откажување од македонското малцинство, кое таму живее со векови. Самиот факт што бугарската држава не ги признава македонската нација и македонскиот јазик зборува, во основа, за каков „пријателски“ договор се работи и што, во суштина, се крие зад тоа – целосно обезличување на сето она што е македонско“, се наведува во писмото. Во писмото на кое се потпишани 85 интелектуалци информираат дека ја поддржуваат Декларацијата на македонското малцинство во Бугарија.

– Сметаме дека непреземањето никакви чекори од страна на матичната држава Македонија за заштита на малцинските права на Македонците во Бугарија е нецивилизациски чин и преседан без пример во светот. Се залагаме за примена на принципот на реципроцитет. Малцинствата секогаш претставуваат мост за соработка и за меѓусебно разбирање на народите, велат тие.

(Е.А.)