Пред три години ги изгубила нозете, државата не ја праќа во Холандија да и вградат протези

239

Скопјанката Снежана Караџовска која со години е врзана за количка, утре ќе протестира пред Влада. Таа се жали дека државата не ја праќа во Холандија за да и вградат протези. Операцијата и е закажана за октомври. Во меѓувреме оваа храбра жена од донации има собрано дел од потребните средства за операцијата, а од државата бара да и ги уплатат преостанатите пари за да замине за Холандија каде, како што вели, „работи тим на доктори многу години и се успешни во истото“.

Скопјанката Снежана Караџовска која пред три години ги изгуби двете нозе во сообраќајна несреќа, утре ќе протестира пред Влада. Веќе три години таа се обидува да издејствува Фондот за здравствено осигурување да и ја плати интервенцијата и престојот во Холандија каде треба да и направат операција и да и вградат протези.

Таа ќе протестира во количка додека во зградата на Владата ќе се одржува владината седница.

– Заев, Филипче и министрите не мора да се плашат дека оваа жена ќе ги тепа. Не може ни да стане од количка без помош од двајца – се дел од реакциите на социјалните мрежи за голготата на оваа храбра жена.

Караџовска пред три месеци напиша отворено писмо до премиерот Зоран Заев, претседателот на државата, Стево Пендаровски, ресорниот министер Венко Филипче и до директорот на ФЗОМ, Ден Дончев, со кое ги информира дека поминаа три години од сообраќајната несреќа, а исто толку години од кога се исцрпеа сите средства во државата за нејзино оспособување за самостоен живот.

Таа сега повторно му се обраќа на премиерот Заев и го информира дека нејзината состојба не само што не се подобрила, туку е се полоша.

– Решив да ви се обратам, затоа што сакам да ве известам дека се радувам на новиот закон за заштита на медицинските лица и дека и јас ќе протестирам против насилството на истите. Докторите и медицинскиот персонал се тие на кој ние им ги доверуваме нашите животи и се надевам дека сите се сложуваме со тој закон. Барам да им се овозможи на пациентите (во случајот мене) да имаат увид, кој тоа во ФЗОМ, членови на комисијата, со име и презиме, укинуваат конзилијарно мислење и зошто – наведува Караџовска во писмото.

Оваа жена потсетува дека пред две години добила конзилијарно мислење со кое се предлагало операција во Холандија, но потоа било укинато со образложение дека биле исцрпени сите средства во нашата држава.

– Хумано и етички како што јас ги доживувам белите мантили, е да му се каже на пациентот што е тоа што му се нуди, а не да се кријат членовите од комисијата позади одлуката што ја донеле, која е повеќе политичка и неправедна, отколку во корист на пациентот. Очигледно и покрај сите мои напори и огромно трпение, иако требаше досега со приоритет да ме пратите во Холандија, не наидов на правда, право, хуманост и малку разбирање – наведува Караџовска.

Операцијата и е закажана за октомври. Во меѓувреме оваа храбра жена од донации има собрано дел од потребните средства за операцијата, а од државата бара да и ги уплатат преостанатите пари за да замине за Холандија каде, како што вели, „работи тим на доктори многу години и се успешни во истото“.

– Доволни ми беа три години алтернативни решенија, кои, само ми направија корозија на здравјето исполнето со многу стрес – напиша Караџовска.