Пред клучниот самит во Париз, во источна Украина убиени двајца војници

56

Двајца украински војници се убиени во источна Украина, соопшти денеска украинската војска, на само една недела пред клучниот самит во Париз на кој уште еднаш ќе се направи обид за завршување на војната во оваа земја.

Според сооопштението на украинската војска, двајца војници се убиени со „непозната експлозивна направа”, додека биле на линија на одбраната од напади на проруските сепаратистички „групи за извидување и саботажа”.

Украинската служба за безбедност (СБУ) соопшти дека погинатите војници се нејзини припадници.

Украинскиот претседател Володомир Зеленски упати сочуство до семејствата на загинатите и порача дека очекува да се постигне прекин на огнот.

На 9 декември во Париз ќе се одржи самит на кој е закажан разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега Зеленски, а тоа се постигна со посредување на Германија и Франција

Со цел да се дојде до завршување на војната, во која од 2014 година загинаа повеќе од 13.000 лица, ова ќе биде прва срeдба од 2016 година на највисоко ниво
Мировниот договор за истокот од Украина беше постигнат и потпишан во Минск во 2015 година, а со него се овозможи значително намалување на насилството, иако неговата политичка компонента не се спроведе, за што завојуваните страни меѓусебно се обвинуваа.