Пред да викнеш Брза помош, сам дај си прва помош!

360

Граѓаните треба да научат да даваат прва помош во услови кога болниците или службите за итни случаи може работат со ограничени капацитети, или пак, само со итни случаи. Брзата реакција и познавањето на основите на првата помош може да спаси живот. За таа цел, Црвениот крст на Град Скопје спроведува едномесечна активност за подигнување на свеста на населението среде пандемија со ковид-19

 

Под мотото „Првата помош спасува живот“, Црвениот крст на Град Скопје со едномесечни активности од 12 септември до 12 октомври 2020 година го одбележува светскиот ден на првата помош. Целта на активностите е подигнување на свеста кај населението за значењето на првата помош како животоспасувачка вештина, со акцент на значењето на истата во време на пандемија.

– Треба да се потсетиме што се треба да имаме дома во сетот за прва помош или во автомобилот во состојба кога сме повеќе изолирани ако нешто ни случи додека да пристигне Службата за прва помош. За време на пандемијата со ковид-19, луѓето ќе продолжат да се повредуваат или да се разболуваат од истите причини како и пред да настане пандемијата. Сепак, можеби ќе се двоумат да повикаат служби за итни помош или да одат во болница од страв од заболување од ковид-19, што може да доведе до потешки последици доколку соодветно не се третираат. Од друга страна, болниците или службите за итни случаи може да работат со ограничени капацитети или пак само со итни случаи. Затоа, важно е секој од нас да ги познава основите на прва помош бидејќи таа може да спаси животи – објаснуваат од Црвениот крст на Град Скопје.

Оттаму потсетуваат дека ланецот на постапки за преживување, спречување и подготвеност при пружање на прва помош во време на КОВИД 19 се состои од следниве чекори: превенција и подготвеност, рано препознавање, обезбедување прва помош, како и повикување и пристап до соодветна медицинска грижа (доколку е потребно).

Поголема количина на промотивни и едукативни материјали ќе бидат дистрибуирани до населението преку кои ќе се информираат како да се укаже прва помош во итна состојба со акцент на значењето на сетот по прва помош кој секогаш треба да ги имаме во домот и автомобилот и секако насоки што тој треба да содржи. За поголема достапност на информациите до граѓаните поставени се четири мега лајт површини, а флаерите и постерите се дистрибуирани преку јавни и приватни здравствени установи, болници, банки, трговски центри, поголеми маркети, пазари и други фреквентни објекти. Освен тоа, совети за за укажување на прва помош ќе бидат споделени преку социјалните медиуми на Црвениот крст.

Волонтерите на Црвениот крст, по однапред пропишани протоколи за заштита и самозаштита, ќе ги залепат постерите на споменатите локации на територија на секоја општинска организација на Црвениот крст, што значи дека ќе се покрие цел град и дел од руралните области.

Согласно досегашната пракса, почитувајќи ги сите протоколи пропишани од Мининистерството за здравство на РСМ и ЦКРСМ, пред секоја обука за ПП за работни организации и возачи, лекарот/демонстраторот ќе ги запознае кандидатите со совети за превенција од Ковид-19 по однапред подготвена презентација. По завршување на активноста, подготвена ќе биде евалуација, излистани ќе бидат сите позитивните аспекти од активностите, предизвиците со кои се соочиле сите засегнати страни, препораки и насоки за идни активности. Подготвен ќе биде извештај, кој ќе биде доставен до ЦКРСМ, како и од повеќе институции – Министерство за здравство, Центар за јавно здравје, ЦУК…

Волонтерите на Црвен крст ширум светот беа меѓу првите лица кои одговорија на потребите на населението во време на пандемијата од Ковид-19. И во овие моменти, тие благодарение на своите лични вештини, компетенции, посветеност и храброст, учествуваа во хуманитарни акции кои често значеа спасен живот.

 (А.П.)