Предупредување од САД: Кина е способна да изврши сајбер напади врз клучните инфраструктури

103

Во предупредувањето кое дојде од повеќе земји, откриено е дека кинеската сајбер шпионажа била насочена кон воени и владини организации во САД.
Стејт департментот предупреди дека Кина е способна да изврши сајбер напади врз клучната американска инфраструктура, вклучително нафтоводи, гасоводи и железнички системи, откако истражителите утврдија дека кинеска хакерска група ги шпионирала овие мрежи, објави денеска Ројтерс.

Во предупредувањето издадено во средата, кое дојде од неколку земји, беше откриено дека кинеската сајбер шпионажа била насочена кон воени и владини организации во САД.
Кинеската влада ги отфрли тврдењата дека шпионира западни цели, нарекувајќи го предупредувањето од САД и нивните сојузници „колективна кампања за дезинформација“.

Американските власти рекоа дека сè уште се во процес на проучување на степенот на заканата.

„Имавме барем една локација за која не знаевме дека била нападната, откако се појавија информациите“, изјави за Ројтерс директорот за сајбер безбедност на американската Агенција за национална безбедност (НСА).

НСА претходно откри технички детали за да им помогне на провајдерите да разоткријат шпионирање.

Американската агенција за сајбер безбедност и инфраструктура (CISA) соопшти дека го анализираат „степенот на потенцијалните упади и придружните влијанија“.

Аналитичарите на Мајкрософт, кои ги открија хакерските активности од Кина и ја нарекоа кинеската група „Волт тајфун“, рекоа дека тие би можеле да ја нарушат „клучната комуникациска структура меѓу САД и Азија“, што е знак за ескалација на тензиите меѓу САД и Кина околу Тајван и некои други прашања.

„Американската разузнавачка заедница проценува дека Кина е речиси сигурно способна да изврши сајбер напади кои би можеле да ја нарушат критичната инфраструктура во САД“, рече портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.