Предновогодишното китење ќе изостане, ќе има само скромен пречек 

540

Скопските општини годинава се откажаа од новогодишното украсување на улиците, плоштадите и објектите што се наоѓаат на нивните територии. Тие во своите буџети не ни предвиделе средства за таа намена. Дел од нив воопшто нема да китат, а средствата ќе ги пренаменат за реализација на капитални проекти,  додека некои тоа ќе го направат симболично, скромно, но без да трошат средства, водени од енергетската криза која беше прогласена од Владата и најавените рестрикции на електричната енергија

Скопските општини годинава се откажаа од новогодишното украсување на улиците, плоштадите и објектите што се наоѓаат на нивните територии. Тие во своите буџети не ни предвиделе средства за таа намена. Дел од нив воопшто нема да китат, а средствата ќе ги пренаменат за реализација на капитални проекти,  додека некои тоа ќе го направат симболично, скромно, но без да трошат средства, водени од енергетската криза која беше прогласена од Владата и најавените рестрикции на електричната енергија.

Прв потегот го повлече првата дама на Скопје, Данела Арсовска, која обелодени дека ќе го раскине веќе склучениот договор со фирмата „Линк медиа плус“, од нејзиниот претходник Петре Шилегов во вредност од 14.986.000 денари, односно 243.000 евра.

Таа најави дека следната година наместо досегашната практика на ненаменско трошење на парите на граѓаните и ангажирање на компанија за украсување, Град Скопје ќе набави украси кои ќе бидат сопственост на Градот, со што ќе се заштедат значителни средства од градскиот буџет кои досега секоја година се трошеле за еднократен годишен закуп на овие украси.

– Ова е само прв пример за воспоставување на нова пракса на одговорно и транспарентно работење на Градот, со што ќе ставиме крај на неодговорното работење и трошење на градските буџетски средства – одговорија од Градот, но сепак додадоа дека годинава се планира поскромен пречек, а програмата дополнително ќе ѝ биде презентирана на јавноста.

Општина Центар нема предвидено средства во буџетот за новогодишното украсување, а ист е случајот и со Општина Карпош од каде што велат дека немаат распишано тендер за украсување на јавни површини и не планираат да ги украсуваа јавните површини. Со ист одговор дека нема да се украсува годинава е и Општина Аеродром

И од Кисела Вода се децидни и одговорија дека нема да трошат финансиски средства од својот буџет за предновогодишно китење на јавните површини во општината.

– Во услови на финансиска и енергетска криза во која се наоѓа државата, сметаме дека би било крајно недомаќински да ги трошиме парите на граѓаните за вакви непродуктивни трошоци. Одлуката е донесена во координација со Град Скопје. Во фаза на подготовка е новиот буџет за 2021 година, во кој согласно Програмата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ќе бидат предвидени голем број проекти, дел од нив и капитални. Сите потрошени средства ќе бидат продуктивни и ќе решат долгогодишни проблеми, потреби и барања на нашите жители – велат од оваа локална самоуправа.

Советот на Општина Чаир одлучи средствата наменети за украсување да се распределат на семејствата на загинатите во трагичната несреќа во Бугарија.

– Советот на општината формираше и комисија со претставници од сите партии во Советот на општина Чаир и еден вработен од општинската администрација кои ќе одлучуваат за распределбата на овие средства. Се надеваме дека со овој наш чин ќе придонесеме за ублажување на болката на членовите на семејството кои ги загубија своите роднини во трагичната несреќа – потенцираат од Општина Чаир.

Иако во буџетот на Општина Гази Баба има предвидено 1.000.000 денари на ставката за новогодишно украсување на нашата територија, новиот градоначалник Бобан Стефковски реши дел од предвидените средства за новогодишно украсување да бидат донирани, додека дел ќе се пренасочат кон реализација на проекти во општината, а новогодишно украсување нема да има.

И  Ѓорче Петров нема да биде украсено за Нова година.

– Годинава нема да склучиме договор за новогодишно украсување. За оваа намена не се предвидени средства во Буџетот за оваа година. Ненаменското трошење на парите на граѓаните заврши, со оглед и на состојбата со Буџетот и задолжувањата кои ни ги остави претходниот градоначалник. Имено, овие средства кои претходно се трошеле за вакви намени ќе останат во Буџетот за приоритетни потреби на граѓаните на Ѓорче Петров – децидни се од локалната самоуправа.     

Од Општина Бутел велат дека годинава скромно ќе биде накитен само централниот дел, но оти тоа нема ништо да ги чини.

– Нема да има некакво спектакуларно китење на територијата на општина Бутел. Ќе биде тоа скромно, а ќе биде опфатен само централниот дел, но тоа нема да не чини ништо. Претходниот градоначалник Велимир Смилевски нема планирано средства за оваа намена – образложија од локалната самоуправа, потенцирајќи дека нема да откриваат други детали, но оти јавноста навремено ќе биде информирана за тоа.  

(А.П.)