Предметот на донација е сè уште во фаза на преговори со украинската страна, вели министерката Петровска

25

Во моментов, генералштабот на Армијата како стручно тело ја прави анализата, штом ја завршат и донесат свој став, јас нема да има проблем тоа политички да го поддржам и проследам понатаму, изјави министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во врска со најавениот четврт пакет донација за Украина.

Министерката Петровска во гостување на „Топ Тема“ истакна дека предметот на донација е сè уште во фаза на преговори со украинската страна, но, и дека постои листа која што е класифицирана и на која што треба нашата држава да даде одговор.

– Откако ќе се донесе безбедносната проценка дека се отстранети сите безбедносни ризици од соопштување на деталите, сите три одлуки ќе бидат декласифицирани и точниот вид и количина на опрема ќе биде на увид на јавноста, информираше министерката Петровска.

Во врска со претходните три донации и донираните тенкови, министерката рече дека тоа што донирале тенкови значи дека тие веќе не се употребливи за кај нас, туку се работи на набавка на помодерни оклопни возила. Таа, исто така, рече дека во процесот на модернизација, опремување и развој на Армијата, Северна Македонија доби и сојузничка поддршка од САД со 78 милиони долари, средства кои, како што рече, ќе се наменат и за развој на капацитетите за сајбер одбрана.

– Оваа година, истакна Петровска, одбранбениот буџет изнесува 1,77 проценти од БДП, односно околу 220 милиони евра од кои 30 проценти се одвојуваат за модернизација и опремување. Пристигната е првата пратка од Лесните оклопни возила, JLTV, во тек е набавка на возила Stryker, а потпишан е и повеќегодишен договор за набавка на француски системи за противвоздушна одбрана, информираше Петровска.