Превентивно-едукативна акција „Безбедни училишта – безбедни првачиња“ тргна од ООУ „Киро Глигоров“

173

Акцијата „Безбедни училишта – безбедни првачиња“ започна денеска во ООУ „Киро Глигоров“ во скопската општина Центар, а во наредните два месеца ќе се реализира во 50 училишта во повеќе од 30 општини.

Целта на акцијата е оспособување на децата од прво одделение за безбедно движење до училиштето и назад до својот дом, сообраќајна едукација и нивна поголема видливост во сообраќајот.

За таа цел 4.000 првачиња ќе добијат безбедносни флуоресцентни елечиња.

– Сообраќајната култура и нашето однесување во секојдневниот сообраќај се важни карактеристики на секоја личност. Основата за сообраќајната култура се поставува уште од најрана возраст. Затоа денес, заедно со претставници од РСБСП и МВР, на првачињата од ООУ „Киро Глигоров“ им одржавме предавање за безбедноста на учениците во сообраќајот – изјави градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.

За успешен почеток на учебната година, првачињата добија сложувалка-танграм, а со колегите, како што рече Богдановиќ, од МВР и од РСБСП за поголема видливост, им поделивме и флуоросцентни елечиња.

Едукативните настани ќе бидат надополнети со повеќе сообраќајно едукативни материјали – боенки, распоред за часови, сообраќајна лектира и друг едукативен материјал. 

Главниот „јунак“ на настаните ќе биде маскотата „Кучето пази“, кое има за задача да им пренесе на децата „тајни“ и корисни совети за тоа како безбедно да учествуваат во сообраќајот, каде смеат и каде не смеат да играат, како да ја поминуваат улицата и што треба да прават кога се возат во автомобил.