Преведувачите до Владата: Помогнете сега оти утре ние ќе ви требаме

693

По започнувањето на здравствено-економската криза во државата и во светот,  покрај другите здруженија, со своја реакција до Владата се јави и Здружението на преведувачи и толкувачи (ЗПРМ).

Во својот допис до Владата, ЗПРМ ги сумира резултатите од анкетата што ја спроведе од 26.03.2020 до 01.04.2020, со која опфати 221 испитаник, преведувачи и толкувачи од Македонија. Најзначајни заклучоци од анкетата се дека:

  • На значителен дел од испитаниците (67,4%) преведувањето/толкувањето им е примарна дејност, односно претставува нивен основен извор на приходи.
  • Дури 88,2% од испитаниците изјавиле дека кризата довела до целосно или значително откажување на нивните ангажмани, со што сериозно им е загрозена егзистенцијата.

Токму поради ова Здружението предлага оваа категорија преведувачи и толкувачи кои се сериозно погодени од кризата, да се вклучат во мерките од Владата, и:

  • да бидат опфатени со мерката за поддршка со бруто износ од минималната плата во државата, или
  • да се поддржат со бруто износ од 50% од просечната плата на работникот, во месеците април и мај (како за сите работници што добиле отказ поради кризата).

Здружението и до сега работеше на подобрување на состојбата на слободните преведувачи и толкувачи (фриленсери) и во неколку наврати достави свој предлог за регулирање на оваа професија (односно за самовработување) до Министерството за труд и социјална политика.

 „Здружението постои за да ги промовира овие две професии, да обезбеди професионален развој за своите членови, но и да помогне во тешки времиња. Во овој период слободните преведувачи и толкувачи се особено погодени и до сега не се предвидени во ниту една од мерките што Владата ги донесе до сега. Сметаме дека нивната улога во општеството е особено важна, а и понатаму ќе биде со претстојниот процес на интеграција во Европската Унија. Никој не треба да биде заборавен од Владата и потребно е и тие да бидат вклучени во некоја од мерките“, изјави претседателката на Здружението, Ана Попова Манасиевска.