Преамбулата не може да се „крпи“!

Беше јануари, па март, истекува и мај, но измените на највисокиот правен акт се чини дека стојат на мртва точка. Еден месец откако се формираше, во место стои и работната група која треба да работи на уставните амандмани и која сè уште се занимава со формалности. Професорката по уставно право Тања Каракамишева- Јовановска појаснува дека преамбулата во Уставот на Македонија не е составен дел на Уставот на Македонија, бидејќи преамбулата се наоѓа над насловот Устав на Македонија. Ова значи дека нејзината измена не е во согласност со членот 129 од Уставот, каде што стои дека Уставот на Македонија се изменува и дополнува со уставни амандмани

59

По неколку одложувања на отворањето на Уставот, роковите повторно прават притисок за уставните измени, а процедурата никако да почне. Најпрвин беше јануари, па март, истекува и мај, но измените на највисокиот правен акт се чини дека стојат на мртва точка. Еден месец откако се формираше, во место стои и работната група која треба да работи на уставните амандмани и која сè уште се занимава со формалности.

Професорката по уставно право Тања Каракамишева-Јовановска појаснува дека преамбулата во Уставот на Македонија не е составен дел на Уставот на Македонија, бидејќи преамбулата се наоѓа над насловот Устав на Македонија. Ова значи дека нејзината измена не е во согласност со членот 129 од Уставот, каде што стои дека Уставот на Македонија се изменува и дополнува со уставни амандмани.

Сегашната нејзина реакција, како што вели, е последица на големи небулози и непознавање на уставната материја. Јавноста заслужува да има објективни информации за целиов процес, податоци втемелени не на политички/партиски/етнички желби и каприци, туку на научни параметри врз основа на кои и треба да се води дебатата за и околу измената на нашиот Устав – вели Каракамишева, презентирајќи го својот предлог-текст за промена на преамбулата на идниот Устав на Македонија.

– Ние, припадниците на македонската нација, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на својата татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорна пред идните генерации за зачувување и развој на сé што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднаква во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Македонија – во согласност со традицијата на Крушевската република и одлуките на АСНОМ и на референдумот од 8 септември 1991 година, одлучивме да ја конституираме Република Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат овој Устав… – се наведува во нејзиниот предлог. 

Со оглед дека преамбулата не е составен дел на Уставот, појаснува професорката Каракамишева, таа не може да се изменува и дополнува со уставни амандмани, туку само во постапка на донесување нов Устав.

Оттука, професорката смета дека предлог-текст на новата преамбула на Уставот на Македонија би можел да се примени само ако се отвори постапка за донесување нов Устав, во кој би требало да се исправат сите досегашни грешки и фалинки во Уставот.

Во исто време, за денеска е најавена нова средба на експертската група. Очекувањата се дека членовите ќе гласаат за усвојување на деловникот за работа на работната група. Откако ќе добие деловник за работа, експертите ќе може да разговараат за тоа што е, а што не е во надлежност на нивната работа.

Претседателката на работната група за предлог-уставните амандмани, Маргарита Цаца Николовска, уште еднаш повтори дека никој нема поставено рокови во однос на нивната работа.

– Откако ќе почнеме да работиме на суштината на проблемот, откога ќе почнеме да ги разгледуваме можностите за нацрт-предлогот за иницијатива за промена на Уставот, тогаш ќе можеме малку повеќе да зборуваме и за рокови. Меѓутоа, можам да ве уверам дека сите ние сакаме колку е возможно побрзо да се заврши суштинската расправа. И во таа насока, откога ќе почнеме и да работиме на суштинската расправа, ќе добивате информации и транспарентноста ќе биде застапена без каков било проблем – рече Николовска.

Опозицијата не учествува во работната група за уставни измени. И покрај засилениот притисок од меѓународниот фактор, ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека Собранието нема мандат, ниту демократски легитимитет да го отвори или менува Уставот без да има потврда за тоа и понуда на решение на избори.  (Ј.Ц.Г.)