Прв чекор кон значајно обвинение – Зошто Хашкиот суд сега издаде налог за апсење на Путин?

119
Vladimir Putin
EPA-EFE/IGOR KOVALENKO

Налогот за апсење на рускиот претседател Владимир Путин издаден вчера од Меѓународниот кривичен суд е „првиот чекор“ на патот кон значајно обвинение, тврди Бен Емерсон, британски адвокат кој работи за украинската влада.

Во изјава за Sky News, Емерсон рече дека има две главни причини зошто Хашкиот суд вчера издаде налог за апсење на Путин.

Непосредниот тајминг веројатно е поврзан со одлуката на Високиот комесаријат за човекови права на ОН, кој неодамна објави извештај во кој истражните судии објаснуваат зошто веруваат дека Русија извршила воени злосторства во Украина, истакнува Емерсон. Тоа ги вклучува и обвиненијата за присилна депортација на деца од Украина во Русија, што е опишано како воено злосторство.

Сепак, постои и друга димензија за тајмингот на издавање на налог за апсење. Како што објаснува Емерсон, понекогаш обвиненијата се издаваат запечатени.

„Со други зборови, тие не се јавни. Меѓутоа, во последно време видовме дека се објавуваат обвиненија против лидери за време конфликти кои се во тек, а се поврзани со содржината на обвинението. Пример е обвинението против Гадафи за време на бунтот во Либија“, вели адвокатот.

Емерсон тврди дека објавувањето на обвинението против актуелниот претседател на земјата во екот на вооружен конфликт „на некој начин влијае на однесувањето или има за цел да влијае на однесувањето на лицата вклучени во конфликтот“.

„Со други зборови, ова е очигледно само првиот чекор на патот кон она што на крајот би можело да стане многу посуштинско обвинение против претседателот Путин“, рече адвокатот.

Британскиот адвокат верува дека главната цел на издавањето на налогот за апсење е „да се натераат Путин и  луѓето околу него да се соочат со реален ризик дека порано или подоцна ќе мора да одговараат кривично за тоа што го прават“.