Прв состанок на високо ниво за Паркот Преспа

29

Министрите за животна средина на Република Северна Македонија Насер Нуредини, на Албанија, Бленди Коси и на Грција Костас Скрекас како и амбасадорот на Европска Унија во Северна Македонија Дејвид Гир, согласно Договорот за заштита и одржлив развој на Паркот Преспа денеска го одржаа првиот состанок, на кој се договараа за начинот на кој ќе соработуваат во заштитата на заедничкото природно наследство, Преспанското Езеро.

Од кабинетот на Нуредини информираат дека министрите и амбасадорот изразиле силна волја за решавање на прашањето со Преспанското Езеро и разговарале за следните чекори кои ќе бидат преземени од трите страни, односно за потребата од заедничка хидробиолошка студија, воспоставување на мониторинг систем, јакнење на капацитетите и развој на одржливо земјоделство и локален брендинг, како и развојот на алтернативниот и екотуризмот.

– Мило ми е што конечно успеавме, дури и во време на здравствени и економски предизвици, да ја отпочнеме заедничката работа на трите крајбрежни земји и да вложиме напори за подобрување на алармантната состојба со Преспанското Езеро. Знаеме дека состојбата е загрижувачка и бележи ваков тренд со децении, но знаеме и дека прашањето може да се реши само доколку сите работиме координирано и заедно кон целта – изјави министерот Нуредини на состанокот.

Министерот истакна дека климатските промени, силниот антропоген притисок, земјоделството, инвазивните видови, се само дел од заканите, но ќе докажат дека имаат волја да го зачуваат природното богатство

Тројцата министри се согласиле на брзо свикување на работните тела за разговарање на клучните прашања и на техничко ниво и конечно имплементирање на интегриран пристап, а амбасадорот Гир најавил програма на ЕУ за Преспа во вредност од 18 милиони евра за Северна Македонија.

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека договорот за заштита и одржлив развој на Паркот Преспа е потпишан на 2 февруари 2010 година, а стапи на сила на 29 мај минатата година. Трите земји членки, како и ЕУ како страна на договорот, ги номинираа своите членови во работните тела и ова е првиот состанок на високо ниво одржан за започнување на имплементацијата на Договорот.

Договорот опфаќа сегмент на високо ниво кој се одржа денеска, како и Преспа Парк Управувачки комитет и Работна група за води на техничко ниво, во кои учествуваат претставници на стручно и техничко ниво од централната и локалната власт, како и граѓанскиот сектор.