Прв град во светот во кој ќе се влегува само со билет:Посета на Венеција за 3-10 евра, во зависност од друштвото

348

Посетителите на Венеција, туристичкиот скапоцен камен на Италија, ќе треба да платат меѓу три и десет евра за да влезат во градот, почнувајќи од 16 јануари 2023 година, објавија локалните власти.

Така, Венеција треба да стане првиот град во светот кој бара купување билет за влез.

Новата мерка претставува „голема револуција“ и решение за проблемот со прекумерниот туризам со кој градот се бори со децении, беше речено на прес-конференцијата.

Цената на билетот ќе се движи од три до десет евра, нема да биде фиксна и ќе зависи од бројот на посетители. Поголемата побарувачка ќе ја зголеми цената.

Наесен ќе биде претставен комплексниот систем за резервација на билети и неговата онлајн платформа.

Според членката на буџетската комисија Мишел Зуин, има исклучоци од обврската за купување билет.

Станува збор за жителите на Венеција, деца до шест години, инвалиди, сопственици на куќи, оние кои во градот доаѓаат од здравствени причини или да ги посетат роднините, како и посетители на спортски или културни настани. Гостите на хотели исто така се ослободени бидејќи плаќаат туристичка такса.

„Ова не е систем за правење готовина, туку за управување со туристичките текови“, нагласи Зуин и објасни дека приходот од билетите ќе оди за намалување на даноците што ги плаќаат жителите на градот, кои се многу високи поради огромниот број туристи кои бараат сместување.

За историскиот центар на Венеција и 14-те острови ќе се наплаќа влез, а казните за прекршување на оваа обврска ќе се движат од 50 до 300 евра.

Локалниот функционер Симоне Вентурини предвидува дека Венеција нема да биде единствената што ќе го воведе овој режим за гостите.

„Мислам дека нè набљудуваат многу други европски градови кои живеат со значителен број туристи, за да разберат како тие можат да воведат слична шема“, рече Вентурини.

Венеција можеби е првиот град кој воведе данок, но едно село во Италија веќе воведе надомест за дневни патници. Во 2013 година, Чивита ди Бањореџо воведе „симболична“ такса од едно и пол евро како маркетиншки потег со цел да привлече туристи во градот покрај карпата познат како „градот на умирање“.

Билетот ги заинтригира туристите до тој степен што бројот на посетители порасна од 40.000 во 2009 година на еден милион во 2018 година.