Прво ќе се обесштетат штедачите во Еуростандард банка, а потоа Фондот за депозити

4266

Пари од стечајната маса на Еуростандард банка ќе добијат прво штедачите и фирмите кои имаат влогови во неа, а потоа Фондот за осигурување на депозити.

Здружението на штедачи во оваа банка која пропадна во август 2000-та година информира дека Одборот на доверители одлучил Фондот за осигурување на депозити да го наплати своето побарување откако тие ќе бидат обесштетени. Од стечајната маса чекаат пари околу 3.000 правни и физички лица и за нив оваа одлука на Одборот значи дека ќе има повеќе пари да бидат обесштетени.

Работата сепак, не е конечна. Стечајниот управник веќе изготвил план за распределба на средствата, но крајната одлука треба да ја донесе стечајниот судија кој треба да го потврди тој план.

-Според податоците на доверителите од Еуростандард банка во стечај, во постапката за распределба на средства од стечајната маса, Фондот за осигурување на депозити треба да биде со исплатен ред после доверителите физички и правни лица. Вака одлучил Одборот на доверители на седница кон крајот на минатата година, по што стечајниот управник изготвил план за авансна распределба, односно план за исплата на доверителите од досега собраната стечајна маса на Еуростандард банка. Доверителите, физички и правни лица, се со очекување стечајниот судија да го потврди планот за авансна распределба донесен од Одборот на доверители и да донесе решение, со што, конечно, ќе започне исплатата на доверителите на пропаднатата банка, информира Здружението на оштетени штедачи од пропаднатата Еуростандард банка.

Инаку, лани Здружението поднесе иницијатива до Уставниот суд да се преиспита решението Фондот за осигурување на депозити да има предност при обесштетување од стечајна маса на пропадната банка или штедилница. Уставниот суд тогаш реши во полза на штедачите. Сега тие оценуваат дека редот на исплата што го направил стечајниот управник врз основа на одлуката на одборот на доверители е правичен и издржан.

-Притоа, особено треба да се има во предвид дека со укинувањето на член 163 став 3 од Законот за банки согласно одлуката на Уставниот суд донесена во мај минатата година, Фондот го изгуби статусот на доверител и исплатниот ред во стечајната постапка според Закон за банки. Со тоа, за статусот на Фондот како доверител во стечајната постапка и новиот исплатен ред на Фондот, Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје одлучија дека тие треба да се определат врз основа на посебна (суи генерис) законска суброгација и да се земе во предвид при утврдувањето на планот за авансна распределба на доверителите. Согласно ваквите одлуки на судовите е определен исплатниот ред во планот за аванска распределба изгласан од Одборот на доверители, смета Здружението на оштетени штедачи и правни лица.

Тие оценуваат дека ваквата одлука е и во интерес на Фондот, зашто тој исто како и депонентите, со усвоениот план за авансна распределба добива значителена сума од стечајната маса на банката. Додаваат дека се задоволни од ваквиот развој на настаните.

-Не може да се стави знак на равенство меѓу позицијата на Фондот и депонентите – физички и правни лица, со оглед дека Фондот е во позиција, преку премијата што банките ја плаќаат од депозитите, и понатаму да биде финансиран од депонентите. Додека средствата на останатите доверители, физички и правни лица, се заробени во стечајната маса на Еуростандард банка и постои опасност од нивно трајно губење, без можност за надополнување, посочуваат штедачите и додаваат дека очекуваат судот да го прифати и со решение да го спроведе планот за авансна распределба на паричните средства од стечајната маса на Еуростандард банка.

Велат дека со тоа, ќе заврши агонијата на доверителите на Еуростандард банка, физички и правни лица, и тие ќе ги добијат во целост нивните лични парични средства заробени во насобраната стечајна маса на банката.

Пред Еуростандард банка Фондот за осигурување на депозити обесштетуваше во 11 случаи на пропаднати банки и штедилници. Но, сумата на депозити кои треба да ги обесштети во Еуростандард е далеку поголема од претходните.