Светскиот шампион во бокс, во тешка категорија Украинецот Александр Усик, изјави дека по мечот против шампионот на ВБЦ, Тајсон Фјури, следен противник ќе му биде Дионтеј Вајлдер.

Украинскиот боксер минатата година првпат го победи Британецот Ентони Џошуа и ги освои шампионските појаси на ВБА, ИБФ и ВБО, а во август уште еднаш го совлада Британецот и ги одбрани титулите.

Усик сака да ја комплетира својата колекција со појасот на ВБЦ, а тој меч за апсолутниот светски шампион во тешка категорија би требало да се одржи следниот март.

-Откако ќе се ослободам од Тајсон Фјури, ќе разговараме за борба со Дионтеј Вајлдер, откри Украинецот.

На 3 декември „Кралот на Ромите“ ќе боксува прво во трилогијата против Дерек Чисора. А Дионтеј Вајлдер неодамна направи фантастичен камбек по двата тешки порази против Фјури. Бронзениот бомбардер неодамна го победи Роберт Хелениус со нокаут во првата рунда.