Први во Европа: Грчката пошта ги „вработи“ ПРВИТЕ РОБОТИ/ФОТО

76

Грчкиот национален давател на поштенски услуги „Хеленик пост“ (ЕЛТА) неодамна ангажираше кинески роботи чија задача е да ги сортираат пратките со цел да го забрзаат процесот и да ја подобрат услугата кон клиентите.

Според грчките медиуми, 55 роботи им се придружиле на вработените во поштата, во место близу Атина. Тие учествуваат во процес што до пред неколку недели главно се правеше рачно или полу-механизирано, помагајќи да се направи сортирањето далеку побрзо и поефикасно.

Ерикос Каварас, извршен директор на ЕЛТА, рече дека тие се „првите во Европа“ што воведоа роботи во нивната услуга.

„Ги има во Кина, во нивната национална пошта, како и во Јапонија и САД“, додаде Каварас.

Роботите примаат пакети на осум станици, ја одредуваат нивната дестинација преку код и ги дистрибуираат до 144 дестинации за сортирање.

Со додавање роботи во процесот на сортирање, како што објасни Каварас, подобро се користат човечките ресурси.

„Ги избегнуваме грешките што ги прават луѓето и им ги олеснуваме работите на вработените. Покрај тоа, ја зголемивме брзината на сортирање за 250 проценти “.

Тој додаде дека оваа инвестиција е дел од дигиталната трансформација, а пандемијата покажа дека таа има потреба од забрзување.