Првиот снег ќе не израдува или повторно ќе не изненади? 

Во очекување на првите снежни врнежи и пониски температури кои Управата за хидрометеоролошки работи ги најавува од неделава на повисоките планини, скопските општини барем на збор велат дека се подготвени за претстојната зима. Тврдат дека се обезбедени потребните количини сол, ризла и оти ја имаат на располагање потребната механизација за чистење на снегот од улиците во нивна надлежност.  Но, дали е тоа така ќе видиме откако ќе се случат првите поголеми врнежи од снег на кои најмногу им се радуваат децата, или пак како и вообичаено тие повторно ќе не изненадат предизвикувајќи сообраќаен метеж, а неисчистените тротоари, пак, скршеници кај граѓаните

12011

Во очекување на првите снежни врнежи и пониски температури кои Управата за хидрометеоролошки работи ги најавува од неделава на повисоките планини, скопските општини барем на збор велат дека се подготвени за претстојната зима. Тврдат дека се обезбедени потребните количини сол, ризла и оти ја имаат на располагање потребната механизација за чистење на снегот од улиците во нивна надлежност.

Но, дали е тоа така ќе видиме откако ќе се случат првите поголеми врнежи од снег на кои најмногу им се радуваат децата, или пак како и вообичаено тие повторно ќе не изненадат предизвикувајќи сообраќаен метеж, а неисчистените тротоари, пак, скршеници кај граѓаните.

Инаку, од споделените информации може да се види дека за зимското одржување на улиците во надлежност на општините, кај повеќето од нив е ангажирана истата фирма „Анизор“.

Од Град Скопје велат дека целосно се подготвени за одржувањето на сообраќајниците во престојната зимската сезона.

– Програмата за одржување на сообраќајници во зимски услови е усвоена од Советот на Град Скопје и изговено е решение за Кризен штаб за кооординирање на активностите во зимски услови во градот Скопје за период 15 ноември до 15 март следната година – објаснуваат градските власти. 

Оттаму додаваат дека се подготвени за спречување на формирање лед на патиштата, тротоарите и преостанатите отворени површини во зимски услови и оти располагаат со 23 возила за интервеции во зимски услови распоредени во три пункта (Ѓорче Петров, Кисела Вода и Железара).

– Покрај оваа механизација, набавени се уште четири нови Боб Кет машини за расчистување на снегот од тротоарите и велосипедските патеки – потенцираат од Град Скопје.

Од Општина Центар информираат дека е извршена набавка на сол и ризла, кои ќе бидат нанесени на коловозот при снежните врнежи. Склучен е договор со приватната компанија „Анизор“ и во функција ќе бидат ставени пет специјални возила (возило со плуг, соларки и возила за отстранување на снег), со цел чисти и проодни улици во Општина Центар.

Општина Аеродром за претстојната зима има набавено 140 тони сол, а имаат склучено и договор со фирма што ќе ги чисти улиците во случај на врнежи од снег, додека од Општина Карпош појаснија дека секоја година преземаат иницијатива и се подготвуваат соодветно да ги одржуваат коловозите на своја територија во претстојната зимска сезона и оти на распишаната јавната набавка е избрана фирмата „Анизор“ како најповолен понудувач. За таа намена, Општина Карпош обезбедила парични средства во висина од 6 милиони денари со вклучен ДДВ, како предвидена вредност за овие услуги.

– Станува збор за сукцесивна набавка, односно според договорот ќе бидат искористени онолку средства од вкупната сума, колку што ќе бидат реализирани услуги на терен. Според техничката спецификација, фирмата „Анизор“ ќе има на располагање две специјализирани возила опремени со плуг и посипувач (соларка) со носивост до три тони, како и индустриска сол која би била употребена за оваа намена – потенцираат од општина Карпош.

Во Општина Бутел во завршна процедура е јавната набавка за најповолен понудувач за одржување на улиците во зимски услови, по што ќе излезат со подетални информации, но како што додававаат оттаму тие навремено и ефикасно ќе ги сервисираат и одржуваат улиците кои се под нивна надлежност.

Од Општина Ѓорче Петров најавуваат дека се екипирани и подготвени за зимскиот период, како со своја механизација и луѓе, така и со фирма која е специјализирана за зимско одржување. Општината има склучено договор со „Анизор Драшко“ за зимско одржување на улици и патишта на нејзината територија.

– Освен тоа, општината по истиот договор набавува и сол и ризла за своето возило кое е наменско со вградена соларака и плуг за зимско одржување на улици и патишта. Возилото е ново, функционално и подготвено за сезоната. Ќе биде оперативно веднаш при пад на температурите, појава на мраз и врнежи на снег. На критичните точки во зимскиот период како надвозникот кон населбата Даме Груев ќе има дежурна служба 24 часа, со што сообраќајот и пешачката патека ќе бидат проодни цело време – истакнаа од Општина Ѓорче Петров.

Инаку, моменталната залиха на сол и ризла во оваа општина е околу 10 кубни метри поради магацинскиот капацитет, но како што велат договорот е активен и може да се изврши набавка за кратко време.

Oпштина Чаир, пак, има склучено договорот со компанијата „Енерго инвест“ од Скопје за зимско одржување на улиците и тој истекува во средина на декември. Како што истакнаа оттаму, во исто време се подготвува процедурата за јавна набавка, односно за избор на нов субјект кој ќе се грижи за зимските потешкотии.

– Покрај ангажираната фирма, во рамки на општината имаме и сезонски работници кои секојдневно се на терен за одржување на јавните површини, а во зимски услови ракуваат и со алатки за чистење на снег – заклучија од Општина Чаир.

(А.П.)