Првиот контејнер со контаминирана земја од ОХИС замина за Германија

48

Првиот контејнер со контаминирана земја од ОХИС замина за Германија. Иако земјата измешана со линдан со количина од 126 тони беше одамна ископана и спакувана во седум контејнери, се чекаше на комплетирањето на сите потребни дозволи за извоз. Крајна дестинација на контаминираната земја е Германија, каде ќе биде испорачана во постројка лиценцирана за третман на ваков тип на отпад.

Со тоа завршуваат активностите во кои како имплементациона агенција учествуваше УНИДО. Инспекциските надзори на ископот и пакувањето во текот на 2022 година ги вршеше Пејо Кировски, Виш инспектор од Одделението за инспекциски надзор во животната средина-Скопски регион заедно со помладата инспекторка за животна средина, Ангела Џеповска.

Досега вкупно се ископани, спакувани и извезени 960 тони на HCH отпад од првиот и вториот лот, од кои 480 тони се веќе спалени. Вo реализацијата на вториот лот/дел е вклучена имплементационата агенција УНОПС со средствата обезбедени во Повеќе-партнерскиот фонд за животна средина.

Министерот за животна средина, Насер Нуредини направи обиколка на локацијата во ОХИС каде што е спакувана контаминираната земја со линдан од малата депонија.

– Во наредниот период се очекува да започнат активности за чистење на третиот лот/дел за што  во завршна фаза е евалуацијата по огласот за избор на изведувач за чистењето и се очекува во најскоро време постапката да заврши и избраниот изведувач да потпише договор со УНОПС – потенцира Нуредини.

(С.Бл.)