Годинава, како што велат од Кинотеката, ова култно остварување е на списокот филмови што дигитално ќе се реставрираат, а донесена е и одлуката летното кино во рамките на Кинотеката да се вика кино „Мирно лето“. Публиката пак, ќе има можност вечерва (5. август) со почеток во 21 часот да се потсети на ова остварување во режија на Димитрие Османли, чии проекции со огромно внимание и воодушевување беа посетувани од старите скопјани, но и љубителите на филмот од сите краеви на државата.  За време на проекцијата на “Мирно лето“ ќе бидат претставени неколку артефакти инспирирани од филмот и неговиот автор, меѓу другото карикатури на Василије Попович Цицо и Дарко Марковиќ

 

Пред точно 60 години, или летото 1960 година македонскиот режисер Димитрие – Рули Османли започнал да го снима филмот “Мирно лето“, првата комедија во македонската кинематографија. Годинава, како што велат од Кинотеката, ова култно остварување е на списокот филмови што дигитално ќе се реставрираат, а донесена е и одлуката летното кино на Кинотеката да се вика кино „Мирно лето“!

Љубителите на филмската уметност, не само од постарите генерации, ќе имаат можност пак, вечерва (5 август) со почеток во 21 часот, во киносалата на Кинотеката да го проследат филмот, а за време на проекцијата ќе бидат претставени неколку артефакти инспирирани од филмот и неговиот автор, меѓу другото карикатури на Василије Попович Цицо и Дарко Марковиќ

„Тешко е од денешен аспект да се објасни, а особено на помладите генерации, колку големо внимание предизвика овој филм, со колку љубов и воодушевување беа посетувани неговите проекции во кината. Главното дејство се одигрува во Охрид, иако делови од филмот беа снимени и во Скопје. Во она мирно, тивко, предземјотресно Скопје, со својот тогашен неповторлив шарм и убавина, но и убавината и неповторливоста на Охрид, како копнеж и желба на поинаков начин да се доживеат летните денови и авантури. Иако во тие години бевме на тинејџерска возраст, низ Скопје се ширеа приказни на кои места е снимен филмот, во кои објекти, што потоа бевме да ги посетиме, да ги видиме одблиску, особено делови од палатата на Рубенови во паркот…“, се потсети пред две години хроничарот и писател Данило Коцевски.

Тој исто така потсетува дека настапуваа врвни, во тоа време особено популарни актери, но вели, врвни мајстори беа и камерманите (Љубе Петковски), сценографите (Диме Шумка), сценаристите (Фрида Филиповиќ), монтажерите (Маја Лазаров), сето тоа беше обединето под режисерската палка на Димитрие Османли и продуцентот „Вардар филм“. “Внимание привлекуваше самиот жанр – комедија, но и артистите што оставија траен белег во филмската и во театарската историја. Но во филмот се појавува уште еден јунак што не смее да се заборави, и кој во дејството внесува посебен шарм: тоа е италијанскиот автомобил „фиат балила“, кој им помага на јунаците од филмот, но им прави и проблеми кога ќе се расипе…“, додава Коцевски.

Од Кинотеката пак, посочуваат дека “Мирно лето“ е еден од филмовите-меѓници во македонската кинематографија, со пионерски дух во многу сегменти: Димитрие Османли е првиот македонски филмски режисер, а Мирно лето првата комедија во македонската кинематографија. Премиерата на филмот се одржала на 18 мај 1961 во скопското кино „Култура“.

Димитрие Османли, пак, беше филмски, театарски и телевизиски режисер, сценарист и педагог. Роден во Битола, во 1934, на неполни 7 години, првпат го видел семејниот пријател чичо Манаки како ракува со некаква „чудна кутија“.

„И така јас се инфицирав од подвижните слики. Моето основно училиште по филмска режија беше катадневно одење во кино“ – ќе си спомне Димитрие Османли. Исто така тој бил и професор и прв декан на Факултетот за драмски уметности, каде што предавал актерска игра и има изведено четири генерации актери. Покрај четирите играни филмови, Мирно лето (1961), Мементо (1967), Жед (1971) и Ангели на отпад (1995), има снимено петнаесетина документарни филмови и повеќе од дваесет телевизиски остварувања меѓу кои и телевизиски мјузикли.  На полето на театарската уметност, неговиот придонес е исто така значаен, има режирано преку триесет и пет театарски претстави низ театрите во Македонија меѓу кои “Болва во уво“, претстава што 18 сезони беше изведувана во Драмскиот театар со повеќе од 350 изведби. Автор е и на две книги, а бил и иницијатор за востановување на Фестивалот на филмска камера во Битола…

Мирно лето?!-  нештата никогаш не се толку едноставни

Преку една доста едноставна приказна публиката се запознава не само со ликовите на филмот, туку и со идеја за менталитетот на еден народ. Околностите на животот доведуваат Заре и Мира преку летото да се преселат во Охрид на подолг престој, надевајќи се дека ќе најдат спокојство и бегство од неуморните очи и усти на нивното соседство. Но, нештата никогаш не се толку едноставни. Со доаѓањето на првиот гостин во Охрид се отвара портата и за други непоканети гости. Започнува бркотница и хаос, кои брачниот пар Мисевски никако да ги избегнат и да го достигнат долго посакуваниот мир…

Црно -белиот филм “Мирно лето“е снимен 1961, трае 99 минути. Режијата е на

Димитрие Османли, а сценариото на Фрида Филиповиќ. Во филмот улогите ги толкуваат Љупка Џундева, Слободан Перовиќ, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамевски, Ацо Јовановски, Петре Прличко, Илија Џувалековски…