Прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА може да се реши до крајот на годинава

Мислам дека до крајот на годинава ќе се реши прашањето. Такво нешто, сигурно ќе наиде на реакции на СПЦ, но тоа е нивен проблем, појасни верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски за весникот ВЕЧЕР

170

Иницијативата на вселенскиот патријарх Вартоломеј за средба меѓу Српската и Македонската православна црква, нема да вроди со плод бидејќи СПЦ нема да прифати никој да се меша во спорот. Но, таквата ситуација отвора можност Вселенската патријаршија сама да донесе одлука, како второстепена апелациска инстанца, да го реши нашиот статус, велат верските аналитичари. Бранко Ѓорѓевски за весникот Вечер изјави дека на овој начин, прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА може да се реши до крајот на годинава.

-Скептик сум дека СПЦ ќе прифати една таква средба бидејќи тоа ќе значи дека СПЦ прифаќа дека Вселенската патријаршија е надлежна да решава ваков спор. Видовме дека во случајот Патријаршијата се поставува како второстепена апелациска инстанца на која ние сме и се обратиле заради тоа што не се наоѓа разбирање за нашето барање. СПЦ досега остро реагираше кога ние се обративме до Бугарската црква да ја признае нашата автокефалност. Тогаш испрати остро предупредување до БПЦ. Остро реагираше и кога Вселенската патријаршија го зема нашето барање во процедура…, изјави Ѓорѓевски за весникот ВЕЧЕР. Според него, во таква ситуација се отвора можност ВП сама да донесе одлука.

-Вселенската патријаршија покажа дека сака да се реши нашиот црковен статус и ова сега е како некое запазување на процедурата, по која може да се донесе одлука. Мислам дека до крајот на годинава ќе се реши прашањето. Такво нешто, сигурно ќе најде на реакции на СПЦ, но тоа е нивен проблем, појасни Ѓорѓевски.

Универзитетскиот професор Цане Мојаноски оцени дека црковните прашања веќе не се само во доменот на приватноста, бидејќи се поврзуваат со општествени состојби.

– Отворањето на прашањето ќе добие на динамика. Има една долга традиција на христијанство на овие простори. Веројатно отворањето на прашањето значи дека се бараат решенија кои се утврдени во нивните канонски правила и тоа ќе резултира со решение. Тоа во моментов е тешко да се прочита. Се надеваме дека за нашите потреби ќе значи решавање на едно прашање кое 50 години е присутно. Приближувањето кон ЕУ подразбира затворање на сите отворени прашања, изјави Мојаноски.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски е охрабрен од зборовите на вселенскиот патријарх дека комуникацијата со Цариград ќе продолжи и понатаму.

– Имавме пријатни и долги разговори. Го поканив патријархот Вартоломеј да ја посети нашата држава, да се сретне со верниот народ и тоа навистина претставува огромна чест и за верниците и за МПЦ, изјави вчера Спасовски кој ден претходно заедно со претседателот на СДСМ Зоран Заев и директорот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски имаше прием во Вселенската патријаршија.

По средбата од кабинетот на вселенскиот патријарх беше испратено соопштение дека Српската православна црква и Македонската православна црква ќе бидат поканети на заедничка средба, во обид да се најде заемно прифатливо решение за најголемото црковно прашање во земјата. (Е.А.)