Пратениците ќе решат дали во кеш ќе плаќаме до 500 или до 3.000 евра

Пред пратениците на седницата ќе се најдат и предлозите за враќање на рамниот данок, за воведување младински додаток од 3.000 денари, за обезбедување на стечајците, за укинување на Законот за зелените пазари и други закони битни за економскиот живот во државата

242

Дозволената граница за плаќање во готово од сегашните 500 евра да се зголеми на 3.000 евра, предлагаат група пратеници во Собранието. За нивниот Предлог на закон за изменување на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, според агендата на Собранието пратениците треба да се изјаснат на пленарната седница закажана за утре, 11 декември, и тоа по скратена постапка.

До 2016 година во државата беше дозволено плаќање во готово до 15.000 евра, за потоа сумата да се намали на 2.000 евра. На почетокот на годинава границата се спушти на 1.000 евра, а од 1 јуни уште еднаш да се намали на актуелните 500 евра.

-Вака утврдената одредба во периодот од нејзината примена од 1 јуни 2019 година до денес предизвика ограничувања за голем број граѓани, кои согласно своите потреби правото за плаќања со готовина за стоки и услуги за износ поголем од 500 евра во денарска противвредност не можат да го искористат заради ограничувачката одредба која наметнува дополнителни обврски за граѓаните, ја појаснуваат својата иницијатива пратениците Ејуп Алими, Реџаиљ Исмаили, Агим Шаќири, Александар Филиповски, Агим Муртезанов и Мирослав Јовановиќ.

Тие оценуваат дека со прифаќање на измената што ја предлагаат со која прагот за готовинско плаќање шесткратно ќе се зголеми, од сегашните 500 на 3.000 евра во денарска противвредност, ќе се изврши и усогласување со правните прописи за вршење на готовински плаќања со земјите од Европската Унија како што се Белгија, Италија, Унгарија, Чешка, Полска, Латвија, Словенија и други.

На истата 123-та собраниска седница пратениците треба да се изјаснат за уште неколку предлози за измени на постоечки или носење нови закони битни за економскиот живот во државата. Така, на дневен ред е и измената на Законот за личен доход што ја предложи Министерството за финансии, а со која од почетокот на следната година се враќа рамниот данок од 10 проценти, кој ќе биде во примена до крајот на 2022 година, до кога треба да се креира соодветен систем на прогресивно оданочување.

– Според резултатите од извршените анализи на ефектите од прогресивното оданочување, прогресивниот данок на доход незначително ја подобрил распределбата на доходот, додека предизвикал негативни промени во однесувањето на даночните обврзници, во смисла на изнаоѓање на начини за одбегнување на плаќање на данокот. Имено, дел од нив одлучиле својот доход да го префрлат во други даночни системи каде се применува пониска даночна стапка или на други лица со цел да не го надминат прагот за примена на повисоката даночна стапка и да платат повисок данок, стои во образложението на Министерството за финансии.

Исто така, во насока на унапредување и развој на пазарот на хартии од вредност, оданочувањето на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност, предвидено со истиот закон од 1 јануари 2020 година се предлага да се одложи за три години. На ист период се одложува и примената на оданочувањето на доходот од камати од депозити.

Пратениците на седницата в среда пред себе ќе го имаат и Предлогот на законот за младински додаток, кој треба да овозможи задржување на младите во државата и пополнување на работните места во производните дејности. Со овој Предлог на закон Министерството за труд и социјална политика предвидува младите до 23 години со минимум средно образование, кои се вработени во производна дејност, освен платата, преку Агенцијата за вработување месечно да добиваат и додаток од по 3.000 денари. За оваа цел Агенцијата месечно ќе троши по 13,2 милиона денари, а законот ќе важи три години, од почетокот на овој месец, до крајот на ноември 2022 година. Ако ги прифатат измените на Законот за ДДВ, кои исто така се на дневен ред, пратениците ќе овозможат прагот за регистрација за ДДВ на даночните обврзници од промет над еден милион да се покачи на над два милиона денари, а во системот на ДДВ да останат три, наместо пет години.

Пратениците на седницата со обемен дневен ред ќе решаваат и по предлог на група пратеници за престанување на важноста на Законот за зелените пазари, за дополнетиот предлог за обезбедување на стечајците и за уште неколку законски измени. (С.В.)